Повеќе од десет лица се повикани на разговор во Министерството за внатрешни работи по ширењето на лажната информација дека водата во Скопје е загадена со ешерихија коли, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
На отворањето на новата спортска сала во ООУ „Круме Кепески“ во скопската Општина Кисела Вода, Мицкоски оцени дека ширењето вакви пораки преку социјалните мрежи претставува обид за создавање немир, несигурност и страв кај граѓаните.
Тој изрази надеж дека со новите измени во Кривичниот законик ќе бидат предвидени и казнени одредби за лицата кои свесно создаваат, како што рече, „хистерија“ и вршат своевиден „хибриден напад“.
Мицкоски додаде дека Владата претходно добила информации оти опозициски партии ќе се обидат преку социјалните мрежи да создадат ваква атмосфера. Според него, особено загрижува тоа што во еден ден биле испразнети резервите на флаширана вода во голем број маркети, што го оцени како можен комерцијален обид.
Премиерот ја обвини опозицијата дека преку ширење, како што рече, дезинформации се обидува да собира политички поени, додавајќи дека власта ќе одговори со работа и реализација на проекти.
Лажната информација за наводно присуство на бактеријата ешерихија коли во водата за пиење во Скопје се прошири на 12 август. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тогаш уверуваше дека водата е безбедна за пиење, а како демонстрација пред камерите испи чаша вода од градска чешма.
Ѓорѓиевски најави и институционална реакција за ширењето на паника, кое го спореди со терористички напад, очекувајќи МВР да постапи по случајот.
Текстот Мицкоски за лажната вест за водата: Се надевам дека со измените во кривичниот законик ќе има казни за лицата кои создаваа хистерија е превземен од МАКФАКС.

















