Претставници на бугарското Министерството за надворешни работи се сретнаа со Христина Михаилова, мајка на Ива Михаилова, по најновото одбивање на судот во Кочани да даде дозвола младата жена да ја напушти Република Северна Македонија, за да го добие неопходниот третман за нејзиното тешко невролошко заболување, јавува МНР на Бугарија, пренесува Трибуна.
Христина Михаилова ја сподели својата загриженост за текот на судскиот процес и загриженоста за здравствената и психолошката состојба на својата ќерка. Според нејзините зборови, недостатокот на адекватна лекарска грижа веќе довел до неповратни последици за младата жена, а секое понатамошно одложување крие сериозни ризици од дополнително влошување на нејзината состојба.
Таа посочи дека продолжува да се потпира на поддршката на бугарските институции до позитивна одлука на апелациониот суд во следните неколку дена, која ќе ѝ даде можност на нејзината ќерка да го добие неопходното лекување.
Од страна на Министерството за надворешни работи беа дадени категорични уверувања дека бугарската држава ги користи сите расположливи канали за комуникација со Република Северна Македонија, така што да бидат земени предвид неспорните хуманитарни аспекти на случајот и Ива да го добие што е можно поскоро неопходното лекување и шанса за максимално закрепнување.
Случајот е поставен по официјален дипломатски пат пред властите на Република Северна Македонија со инсистирање за навремено решение.




















