Министерството за внатрешни работи утрово извести дека интензивно работи на вчерашното ширење паника и страв дека во скопската вода е пронајдена бактеријата ешерихија коли.
„Секторот за компјутерски криминал при МВР презема соодветни мерки и активности. Се утврдуваат профилите на лицата и истите се повикуваат на информативен разговор. По завршување на истражните дејствија соодветно ќе ја информираме јавноста“, кусо извести Министерството за внатрешни работи.
Откога на социјалните мрежи вчераутро се проширија пораки дека водата за пиење во Скопје е загадена со бактеријата ешерихија коли скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на вонредна прес-конференција кажа дека водата е исправна, а за да докаже, побара чаша вода од чешма и ја испи пред камерите. Најави дека нема да дозволи овој обид на опозицијата за ширење хистерија и паника, за кој смета дека е еднаков на тероризам, да помине неказнето.
Официјални соопштенија дека водата е исправна за пиење вчера испратија и ЈП„Водовод и канализација“ и Агенцијата за храна и ветеринарство.
Текстот Полицијата ги повикува на разговор сите кои ширеа пораки дека скопската вода има ешерихија коли е превземен од МАКФАКС.





















