Конститутивната седница на косовското Собрание вчера повторно беше прекината, откако опозициската пратеничка Тајме Кадријај го гаѓаше со јајца вршителот на должноста премиер и лидер на Движењето Самоопределување, Албин Курти.
Инцидентот се случи непосредно откако Курти побара дополнително време и ново одложување на седницата за да продолжи со политичките консултации за формирање мнозинство.
„Сè уште немаме политички договор, а за да избегнеме нови предвремени избори, бараме дополнително време“, изјави Курти од говорницата.
Додека се враќаше на своето место, пратеничката од редовите на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Тајме Кадријај, го гаѓаше со јајца. Пратениците од Самоопределување веднаш реагираа и застанаа во одбрана на својот лидер, по што претседавачкиот Авни Дехари повика обезбедување и ја прекина седницата.
Курти: „Подготвен сум да ја платам цената ако тоа значи дека ќе седнеме да разговараме“
По прекинот на седницата, Курти упати јавен повик до лидерите на опозициските партии — Демократската партија на Косово (ДПК), Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и Алијансата за иднината на Косово (ААК) — на итен состанок за деблокада на институциите.
Коментирајќи го нападот со јајца, Курти изјави дека не го поддржува тој чин, но дека е подготвен да ја плати таа цена доколку тоа доведе до дијалог.
„Ако фрлањето јајца е цената што мора да ја платиме за да седнеме и да разговараме, јас сум подготвен да ја платам. Не сум против тоа што фрлаат јајца, но жалам што одбиваат да се сретнат“, истакна Курти.
Надминати рокови и длабока политичка криза
Косово веќе со месеци се наоѓа во длабока политичка блокада. Изборите одржани на 7 јуни беа трети парламентарни избори во последните 18 месеци.
Иако Самоопределување освои најмногу гласови (53 од вкупно 120 пратенички места), партијата нема доволно пратеници за самостојно да формира влада.
Текстот (Видео) Пратеничка од Косово го гаѓаше Курти со јајца, тој ги повика лидерите на опозицијата на итен состанок е превземен од МАКФАКС.
















