Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот профил на Фејсбук се огласи во врска со состојбата со земјоделците од Струмичко и нивното барање за откупна цена од 50 денари за ајварската пиперка.
Велковски повика на обединување на земјоделците, без оглед на нивната политичка припадност, оценувајќи дека прашањето за откупната цена и опстанокот на земјоделското производство не треба да се претвора во партиска битка.
Тој побара Владата веднаш да реагира и да обезбеди конкретни мерки за поддршка на производителите, меѓу кои интервентен фонд, гарантирана минимална откупна цена, помош во случаи кога производната цена е повисока од откупната, како и поголема контрола и транспарентност во откупот.
Во својата објава Велковски напиша:
„Земјоделците од Струмичко не се молат, тие бараат правда, бараат 50 денари за ајварската пиперка!
ВЛАДАТА ВЕДНАШ да позајми пари како што позајми пари од институциите за да прават екскурзија за Белгија.
За нашите земјоделци се работи или тоа остана веќе 30 години пракса, да се манипулира со земјоделецот ?
На шрајкот земјоделци има од сите политички партии.
Има леви, десни, неопределени.
Има членови и симпатизери на политички партии и луѓе што не сакаат никаква политика.
Но кога ќе влезат на нива, нема ВМРО, нема СДСМ, нема партиски книшки.
Сите плаќаат исто ѓубриво, сите плаќаат гориво,сите плаќаат работници, сите работат на сонце и сите сакаат само едно:
ДА МОЖАТ ДА ЖИВЕАТ ОД СВОЈОТ ТРУД!
Затоа ова не смее да биде партиска битка на ВМРО, СДСМ, ДУИ или друга политичка партија, ОВА Е БИТКА НА ЗЕМЈОДЕЛЕЦОТ ЗА ОПСТАНОК!
Затоа бараме ,,НАЦИОНАЛЕН МИНИМУМ”
Минимум околу кој можеме сите да се обединиме и да побараме владата веднаш да реагира со:
– Интервентен фонд.
– Гарантирана минимална откупна цена.
– Итна помош кога производната цена е повисока од откупната.
– Контрола и транспарентност во откупот.
– Директен дијалог меѓу Владата и земјоделецот.
Денес е пиперката, утре зелката, грозјето или ќе биде друг производ, да не се манипулира со маката на земјоделецот.
Затоа:
ЗЕМЈОДЕЛЦИ ОД СИТЕ ПАРТИИ — ОБЕДИНЕТЕ СЕ!
СИТЕ ЗАЕДНО СО НАЦИОНАЛЕН МИНИМУМ ЌЕ УСПЕЕМЕ.
Не да се караме меѓу себе, ТУКУ ДА СЕДНЕМЕ НА МАСА И ДА СЕ ДОГОВОРИМЕ КАКО ЌЕ ОПСТАНЕМЕ.
🇲🇰 НАЦИОНАЛЕН МИНИМУМ — НЕ ЗА ЕДНА ПАРТИЈА, НЕ ЗА ЕДНА ГРУПА, ТУКУ ЗА СИТЕ КОИ ЖИВЕАТ ОД СВОЈОТ ТРУД.
– 50 ДЕНАРИ e БАРАЊЕ ЗА ОПСТАНОК!“



















