Дрон утрово навлегол во воздушниот простор на Бугарија и експлодирал околу 100 метри во внатрешноста на бугарската територија, во близина на граничниот премин Кардам со Романија. Нема повредени ниту оштетувања на објекти и инфраструктура, изјави бугарскиот премиер Румен Радев по вонредната седница на Советот за безбедност на бугарската Влада, јавува БГНЕС, пренесува Трибуна.
Според Радев, дронот навлегол во бугарскиот воздушен простор во 8:10 часот од правец на Романија. Местото на експлозијата е околу 200 метри од поранешниот граничен премин Кардам и околу еден километар од бугарската компресорска станица на Трансбалканскиот гасовод.
„Нема повредени ниту оштетувања на објекти. Реонот е обезбеден. Продолжуваме да ја следиме состојбата“, изјави Радев.
Тој посочи дека звукот од леталото бил регистриран од романската гранична полиција, а потоа бугарска гранична патрола во реонот на Генерал Тошево слушнала силна експлозија. Местото веднаш било лоцирано.
На терен се екипи на Граничната и Националната полиција, како и на Министерството за одбрана, кои го испитуваат леталото за да го утврдат неговиот тип.
Според бугарските власти, дронот претходно не бил детектиран ниту во романскиот ниту во бугарскиот воздушен простор.
Министерот за одбрана Димитар Стојанов изјави дека станува збор за поголемо летало, а не за дрон-играчка. Според сведоштвата на граничните полицајци, при експлозијата се слушнал силен тресок и се издигнал црн чад, а остатоците паднале во поле со сончоглед.
„Дронот имал солидно количество експлозив за експлозијата да се слушне од далечина и да се издигне толкав црн чад“, рече Стојанов.
Тој објасни дека ваквите нисколетачки и мали воздушни цели тешко се откриваат со радарските системи.
Министерството за одбрана веќе го засилило радарското набљудување во регионот и распоредило дополнителни противвоздушни ракетни системи, хеликоптери „Кугар“ и авиони Су-25. Засилено е и обезбедувањето на стратешките објекти.
Радев најави дека по инцидентот дополнителни сили и средства на Граничната полиција за откривање и спротивставување на дронови ќе бидат прераспоредени од границата со Турција кон границата со Романија.
Бугарија ќе го постави прашањето за инцидентот и на претстојната седница на Северноатлантскиот совет, каде што, според Стојанов, Романија ќе информира за неодамнешните случаи со дронови над нејзина територија.


















