Белата куќа предизвика бурни реакции меѓу обожавателите на Марвел откако го искористи ликот на Спајдермен за промоција на американската Служба за имиграција и царина (ИЦЕ), пишува „Еуроњуз“.
На официјалниот профил на Белата куќа на Инстаграм беше објавена монтажа со опис „Вашите пријатели од соседството – агентите на ИЦЕ“, што е алузија на познатиот опис на Спајдермен како „пријателскиот Спајдермен од соседството“.
Објавата содржи четири слики на кои Спајдермен исфрла мрежа со која на крајот е фатена група мажи. На последната фотографија стои пораката: „Криминалците и илегалните странци ќе бидат фатени и депортирани“.
Користењето елементи од популарната култура не е нова практика за американскиот претседател Доналд Трамп и неговата администрација. На социјалните мрежи претходно беа објавувани содржини со мотиви од Супермен, Ханибал Лектор и „Војна на ѕвездите“.
Најновата објава, сепак, предизвика гнев кај дел од обожавателите на Спајдермен, а некои побараа Марвел и Сони да преземат правни чекори.
„Ова е најлошиот можен приказ на Спајдермен. Марвел и Сони мора да престанат да молчат и веднаш да преземат правни чекори“, гласи еден од коментарите.
Други корисници порачаа дека Стен Ли „никогаш не би го одобрил ова“, додека дел оценија дека користењето на суперхеројот за промоција на владината агенција е несоодветно за официјален канал за комуникација на американската влада.
Текстот Белата куќа го искористи Спајдермен за промоција на Службата за имиграција, фановите на Марвел бесни е превземен од МАКФАКС.


















