Државниот долг заклучно со 30 јуни 2026 година изнесува 9 милијарди и 432 милиони евра, односно 51,7 отсто од БДП, што претставува намалување од 41 милион евра во споредба со претходниот месец, изјави денеска пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Сергеј Попов.
Тој на прес-конференција рече дека, покрај јавниот долг, кој во вториот квартал во споредба со првиот се намалил на 58,8 отсто од БДП, намалување има и кај државниот долг.
„На месечно ниво имаме намалување и на државниот долг од 0,2 отсто од БДП. Заклучно со 30.06.2026 година државниот долг изнесува 9 милијарди и 432 милиони евра или 51,7 отсто од БДП, што е намалување од 41 милион евра во споредба со претходниот месец“, рече Попов.
Според него, ова е едно од најниските нивоа на државниот долг во подолг временски период и покажува дека Владата редовно и навремено ги сервисира обврските.
Попов оцени дека економските показатели се резултат на економската раздвиженост, „домаќинското работење“ и политиките на Владата, наведувајќи дека по преземањето на власта од ВМРО-ДПМНЕ се инвестирало и се реализирале капитални проекти.
Тој посочи дека БДП веќе седум квартали по ред бележи позитивен раст од три или повеќе отсто, додека инфлацијата изнесува 3,4 отсто.
„Во насока на дополнително стабилизирање на јавните финансии и развој на економијата, со крајна цел подобар животен стандард за македонските граѓани, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и понатаму ќе продолжи со интензивна работа и одговорни политики“, рече Попов.
Текстот Попов: Покрај јавниот, намален и државниот долг за над 40 милиони евра кој сега е 51,7 отсто од БДП е превземен од МАКФАКС.





















