Триесет и тригодишен украински државјанин е уапсен во Германија под сомнение за шпионажа на баварска одбранбена компанија за странска разузнавачка служба. Германските власти денеска објавија дека е осомничен за фотографирање на објектите на компанијата како подготовка за можна саботажа, објавува The Kiev Independent.
Канцеларијата на државниот обвинител во Минхен и баварската полиција соопштија дека постојат сериозни индикации дека човекот дејствувал како агент на ниско ниво за разузнавачката служба на странска земја. Истражителите не прецизираа која земја.
Апсењето се случи во контекст на низа слични случаи низ Европа. Според информациите од западните служби, руските разузнавачки агенции регрутираат лица за да вршат саботажи и им нудат лесни пари. Целта на ваквите хибридни операции е да се создаде нестабилност.
Ова не е прв ваков случај во Германија. На почетокот на февруари, германското обвинителство покрена обвинение против Украинец под сомнение за учество во заговор наводно предводен од Русија, чија цел била испраќање пакети со експлозиви низ Европа.
Слични обвиненија беа поднесени и во Полска. На почетокот на јануари, тамошните обвинители покренаа обвиненија против четворица Украинци и еден Русин. Тие се обвинети за планирање испорака на експлозивни направи во неколку западни земји.
фото/ Depositphotos
Текстот Украинец уапсен во Германија, осомничен за шпионажа на одбранбена компанија е превземен од МАКФАКС.















