Огромен број разговори особено изминатата година, се префрлија во рамките на најразлични апликации. Но, конкретно за апликацијата „WhatsApp“, до неодамна, корисниците за секој повик мораа да посегнат по телефонот.
Една од најпопуларните апликации на денешницата објави дека сега ја подобрува својата десктоп верзија. Односно, секој корисник отсега ќе може да одговори на аудио или видео повик и од десктоп компјутер.
Ова секако ќе ја олесни комуникацијата и ќе ги „ослободи рацете“ на оние кои ја користат оваа апликација за работа или преку истата, комуницираат со семејството.
Но, ова не значи дека „WhatsApp“ станува конкурент на „Zoom“. Засега, веб-апикацијата која може да се користи на „Windows“ и „Mac“ ќе поддржува само еден-на-еден повици.
Во иднина може да очекуваме и групни повици, но засега од компанијата не информираат кога би се случило тоа. На нивниот официјален блог се наведува дека почнуваат со еден-на-еден повиците за да се осигурат дека сè ќе функционира како што треба.
Повиците ќе фунцкионираат и помеѓу компјутер и мобилен телефон, односно нема да мора да размислувате за тоа од кој уред би одговорил вашиот соговорник.