Водата во Гостивар сè уште не е безбедна за пиење и готвење, иако состојбата постепено се подобрува, изјави директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.

Тој апелира граѓаните да продолжат да се воздржуваат од користење на водата за пиење и подготовка на храна, додавајќи дека се очекува состојбата целосно да биде ставена под контрола во текот на наредната недела.

„Водата во Гостивар сè уште не е за пиење. Состојбата се подобрува, но во водата и натаму се присутни бактерии. Апелирам граѓаните да не ја користат за пиење и готвење. Очекуваме наредната недела состојбата целосно да биде ставена под контрола“, рече Ангелов.

Појасни во водата е утврдено присуство на бактеријата Pseudomonas aeruginosa, поради што таа е микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање, особено за лица со ослабен имунитет.

Како што посочи, оваа бактерија може да предизвика инфекции на кожата, очите и ушите, а кај чувствителни лица и инфекции на уринарниот тракт и белите дробови. Ангелов додаде дека бактеријата е позната и по високата отпорност на голем број вообичаени антибиотици.

Текстот Поради опасна бактерија, водата во Гостивар се’ уште не треба да се користи за пиење и готвење – се очекува стабилизирање следната седмица е превземен од МАКФАКС.