Високите температури кои не се намалуваат ниту во текот на ноќта сè почесто го нарушуваат сонот за време на летните топлотни бранови. Според здравствените експерти, со неколку едноставни навики може значително да се намали чувството на жештина и полесно да се заспие.

Хидратацијата е најважна

Една од основните препораки е организмот да биде добро хидриран. Експертите советуваат внесување од 1,5 до 2 литри вода дневно, а дополнително разладување може да се постигне и со ладен туш или кратка бања пред спиење.

Воедно, се препорачува да се избегнува консумирање алкохол, како и прекумерно пиење кафе и чај, бидејќи овие пијалаци можат да придонесат за дехидратација.

Разладете ја постелнината пред спиење

Еден од популарните трикови е навлаката за перница или пижамите да се стават во замрзнувач неколку часа пред спиење. Иако ефектот е краткотраен, може да помогне телото полесно да се разлади при легнување.

Дополнително, ладна крпа или пешкир поставени на челото можат да го намалат чувството на топлина.

Како поефикасно да го користите вентилаторот

Вентилаторот може да биде уште поефикасен ако пред него се постави сад со мраз, со што воздухот што циркулира станува посвеж.

Доколку немате вентилатор, експертите советуваат шише или термофор наполнети со ладна вода да се користат како привремено средство за разладување.

Полесна постелнина и ладна просторија

За време на топлите ноќи се препорачува користење лесни памучни чаршафи наместо дебели прекривки, бидејќи подобро ја впиваат потта и овозможуваат телото полесно да ја регулира температурата.

Доколку домот има повеќе катови, најдобро е да се спие во просторијата што е најладна, најчесто на приземје, бидејќи топлиот воздух природно се задржува на повисоките нивоа.

Ако не можете да заспиете

Експертите советуваат да не се останува долго буден во кревет. Наместо тоа, подобро е да се стане и да се прави некоја смирувачка активност, како читање книга, сè додека не се појави чувство на поспаност.

Во вакви ситуации се препорачува да се избегнува користење мобилен телефон, бидејќи светлината од екранот може дополнително да го стимулира мозокот и да го одложи заспивањето.

Трикови за брзо разладување на телото

Истражувањата покажуваат дека потопување на дланките во ладна вода со температура од околу 15 Целзиусови степени во траење од десетина минути може да придонесе за побрзо намалување на телесната температура. Оваа метода ја користат и припадници на британската Кралска морнарица, како и спортисти.

Дополнително, ставање ладен облог или мраз на местата каде што пулсот е најизразен – како зглобовите на рацете и страничниот дел од вратот – може да помогне телото побрзо да се разлади.

Препораки за време на топлотен бран

Метеоролозите советуваат граѓаните да избегнуваат директно изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да носат светла и лесна облека, шешир и очила за сонце, да престојуваат во разладени простории и редовно да внесуваат течности.

Со овие едноставни мерки, велат експертите, полесно може да се поднесат екстремните горештини и да се обезбеди поквалитетен сон во текот на летните ноќи.

Текстот Како полесно да заспиете за време на топлотен бран: едноставни трикови за разладување е превземен од МАКФАКС.