Владата на Србија ги повика граѓаните рационално да ја користат електричната енергија во услови на силен топлотен бран и рекордно низок водостој на реките, што сериозно го намалува производството на електрична енергија од хидроелектраните.
Премиерот Ѓуро Мацут за понеделник најави седница на Штабот за вонредни ситуации, посветена на екстремно високите температури и состојбата со водостојот на реките, особено на Дунав. Тој апелираше до граѓаните во наредните десет дена, колку што се очекува да трае топлотниот бран, да ја намалат потрошувачката на електрична енергија.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека производството во хидроелектраните „Ѓердап 1“ и „Ѓердап 2“ е значително намалено поради исклучително нискиот доток на вода.
Според неа, „Ѓердап 1“ моментално работи со околу 20 проценти од капацитетот, а „Ѓердап 2“ со околу 30 проценти. Дотокот на вода изнесува околу 1.500 кубни метри во секунда, што е најниско ниво од 2003 година, а претходно ваква состојба била забележана во 1985 година.
Таа додаде дека состојбата со хидроелектраните на реката Дрина е нешто подобра, бидејќи дотокот на вода е под просекот, но сè уште е над биолошкиот минимум.
Србија не е единствената земја што се соочува со последиците од екстремните горештини и сушата. Тропскиот бран предизвикува проблеми во енергетскиот сектор низ Европа, а особено се погодени Унгарија и Романија, каде што недостигот на вода од Дунав влијае врз работата на нуклеарните електрани, додека Србија е принудена да го намали производството во хидроелектраната „Ѓердап“.
Републичкиот хидрометеоролошки завод најави дека температурите во Србија во текот на следната недела ќе достигнуваат околу 40 Целзиусови степени, додека минималните ноќни температури ќе се движат над 23 степени, што дополнително ќе ја зголеми потрошувачката на електрична енергија.
Текстот Србија ги повика граѓаните да штедат струја поради топлотниот бран и рекордно нискиот водостој на Дунав е превземен од МАКФАКС.















