Најмалку три лица загинаа, а две се повредени во пукање во градот Твин Фолс, во американската сојузна држава Ајдахо, соопшти локалната полиција.

Инцидентот се случил во саботата во близина на ресторанот „In-N-Out“, на булеварот Блу Лејкс Норт. Полицијата реагирала околу 14:30 часот по локално време, по пријави за пукање во реонот на ресторанот.

Началникот на полицијата во Твин Фолс, Метју Хикс, изјави дека осомничениот напаѓач бил убиен за време на полициската интервенција. Засега не е потврдено дали осомничениот е меѓу трите лица кои загинале.

„Идентитетот на осомничениот и можниот мотив за пукањето сè уште се утврдуваат. Веруваме дека опасноста за нашата заедница помина“, изјави Хикс на прес-конференција.

Портпаролот на полицијата во Твин Фолс, Џош Палмер, претходно соопшти дека најмалку две лица биле повредени во насилниот инцидент, но предупреди дека бројот на жртви може да се промени.

Истрагата за случајот продолжува, а полицијата работи на утврдување на околностите што довеле до пукањето.

Текстот (Фото+видео) Пукање во близина на ресторан во Ајдахо: три лица загинаа, осомничениот е убиен во полициска акција е превземен од МАКФАКС.