Три лица од Скопје се лишени од слобода поради обид за подигнување кредит од банка со фалсификувана документација, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полициски службеници од СВР Скопје, Единицата за економски и компјутерски криминал, на 29 јули ги лишиле од слобода И.Т. (45), С.Т. (21) и П.П. (29), сите од Скопје, поради сомнение за сторени кривични дела „фалсификување исправа“ и „злоупотреба на лични податоци“.
Според информациите од полицијата, И.Т., со помош на другите две лица, се обидел во една банка во Скопје да поднесе барање и да подигне кредит во износ од 900.000 денари, користејќи фалсификувана лична карта со податоци на друго лице и фалсификувана кредитна документација.
Лицата биле лишени од слобода во моментот кога фалсификуваната документација била процесуирана во банката.
Од МВР велат дека во координација со дежурен Јавен обвинител, лицата се изведени пред судија на претходна постапка.
Текстот Три лица уапсени при обид да подигнат кредит од 900 илјади денари со фалсификувани документи е превземен од МАКФАКС.















