Вечер што долго ќе се памети остави зад себе харизматичната и виртуозна италијанска пијанистка Кристиана Пегорано која синоќа настапи на фестивалската програма на 66. „Охридско лето“. Концертот се одржа во рамки на Италијанската вечер, поддржана од Амбасадата на Италија во Македонија.

Отворајќи ја вечерта, италијанскиот амбасадор, Паоло Палминтери, истакна дека „Охридско лето“ од година во година достигнува сè повисоко ниво.

-Имајќи предвид дека „Охридско лето“ е еден од најзначајните културни фестивали во Европа, оваа година имавме чест да ја донесеме извонредната италијанска пијанистка Кристиана Пегораро која настапувала на многу слични меѓународни сцени, а имала чест да свири и пред претседателот на Италијанската Република, Серџо Матарела. Програмата што ја изведува вечерва е во согласност со инспиративната тема што ги поврзува сите културни настани организирани од страна на Амбасадата во текот на 2026 година- Љубовта во сите нејзини облици, рече италијанскиот амбасадор Палминтери, упатувајќи голема благодарност до претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова која е покровител на „Охридско лето“ за нејзиното присуство на Италијанската вечер, до директорот на фестивалот, Ѓорѓи Цуцковски, како и до Италијанскиот институт во Белград за поддршката на оваа традиционална вечер.

Пијанистката Кристиана Пегораро која „Њујорк тајмс“ ја опишува како „уметница од најголем калибар“ , вечерта ја започна со „Largo al Factotum“ од операта „Севилскиот бербер“ на италијанскиот композитор Џоакино Росини, но во нејзин аранжман како што беа впрочем и повеќето дела што ги долови на концертот. Потоа следуваа композиции од Бах, Шуберт, Бетовен, Вивалди, Моцарт, Вебер, па извонредната интерпретација на сплет од наполитански песни, а крајот на вечерта беше во знакот на композиции создадени од самата пијанистка.

-Програмата со која настапувам е наречена „Радоста на музиката“. Музиката е универзален јазик кој води директно до срцата на луѓето, рече пијанистката Пегораро, којашто навистина внесе радост кај публиката со своето маестрално музицирање на фестивалското пијано, при тоа, внимателно воведувајќи ги слушателите во делата што ги свири.

Добитничката на повеќе од 50 меѓународни награди и признанија за својата пијанистичка дејност, најстапува во најпрестижните концертни сали во Европа, САД, Јужна Америка, на Блискиот Исток, во Азија и во Австралија.

Текстот Пијанистката Пегораро прозвучи со совршена убавина на „Охридско лето“ е превземен од МАКФАКС.