Најмалку 13 лица загинаа во земјотресот со јачина од 7,1 степен според Рихтер што го погоди подрачјето во близина на јапонскиот град Кумамото, а спасувачките екипи продолжуваат со потрагата по преживеани затрупани под урнатините, пренесува Ројтерс.

Јапонската премиерка Санае Такаичи изјави дека операцијата е „трка со времето“ и оти ќе бидат искористени сите расположливи ресурси за спасување на што е можно повеќе луѓе.

Најголема трагедија се случила во трговскиот центар „Аеон“, каде по земјотресот дошло до силна експлозија, најверојатно предизвикана од истекување на гас. Две жени загинале, а спасувачите успеале да извлечат осум лица од урнатините. Властите сè уште трагаат по исчезнати, меѓу кои и вработени во трговскиот центар, како и седум лица по уривање на оџак во фабрика на „Nippon Paper Industries“.

Повеќе од 260.000 жители се повикани да се евакуираат во засолништа, додека над 36.000 домаќинства останаа без електрична енергија. Властите предупредија на можни силни последователни потреси и опасност од свлечишта.

Болниците во близина на епицентарот работат во отежнати услови поради прекините на струја и големиот број повредени. Поради земјотресот привремено е запрено производството во фабрики на компании како Honda, Tokyo Electron и TSMC, а оштетени се и патишта и железничката инфраструктура.

Епицентарот на земјотресот бил на околу 20 километри јужно од Кумамото, град со околу 700.000 жители на островот Кјушу. Според Ројтерс, регионот и претходно беше погоден од катастрофален земјотрес во 2016 година, кога загинаа 275 лица.

Текстот Бројот на загинати во силниот земјотрес во Јапонија се искачи на 13, спасувачите трагаат по преживеани е превземен од МАКФАКС.