Уметничкиот проект „Скопје 63/63“ и театарска премиера се вечерва на програмата на 47-мото издание на фестивалот Скопско лето, соопшти Дирекцијата за култура и уметност на Скопје.

Со почеток во 20:30 часот на Факултетот за ликовни уметности – Сули ан ќе се одржи проект насловен „Скопје 63/63“, кој се сочинува од промоција на книга „Скопје 63/63“ на проф. д-р Ивица Џепароски и отворање на фотографска изложба „63 Слоеви на сеќавањето“ на Сашо Алушевски.

Проектот „Скопје 63/63“ претставува единствена средба на поезијата и фотографијата, посветена на 63-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 година. Поетската антологија, подготвена од проф. д-р Иван Џепароски, обединува избрани творби од македонски и странски автори посветени на Скопје и неговата меморија. Промотор е Соња Стојменска-Елзесер.

Проектот е надополнет со фотографиите на Сашо Алушевски, кои преку визуелен јазик сведочат за архитектонското наследство што го преживеало земјотресот. Настанот претставува спомен за минатото, но и потсетник за човечноста, солидарноста и колективната меморија на градот.

Влезот е слободен.

На малата сцена на Македонскиот народен театар со почеток во 20:30 часот премиерно ќе биде изведена театарската претстава „Вонземјани“ во продукција на Здружението МАНА во копродукција со Македонскиот народен театар.

Автор: Игор Кузмановски
Режија: Васил Михаил
Костимографија: Благој Мицевски
Сценографија: Дарко Дуковски
Тонска обработка: Oscar Production
Асистент на режија: Дамјан Јосифовски
Играат: Нино Леви, Димитрина Мицкоска, Димитар Паскоски, Наум Ѓорѓиески, Марија Новак

Васил Михаил:
„Вонземјани“ е претстава која пулсира во урнебесно комичен жанровски амалгам и ја отсликува нашата реалност во поглед на семејните односи, стереотипи, инвазијата на технологијата и лажните информации и корумпираноста на општествениот систем. Современиот театарски израз ни нуди естетика која е автентична и невообичаена, додека содржината длабоко продира во проблематичните теми на нашето и светско секојдневие. Духовитите дијалози и инцидентните ситуации до раб на апсурд прават социјалната горчлива драма за нашата реалност да биде свежа, комична и емотивна. Сензибилитетот на ликовите и околностите во кои се сместени се несомнено универзални, но затоа што авторот е домашен, тие природно го содржат во себе идентификацискиот код на овие простори. Вонземјанството е човечки симптом. Колку ли луѓе се вонземјани, а не знаат за тоа?

Игор Кузмановски:
Додека деца умираат од глад, додека луѓе гинат во војни, додека дишеме загаден воздух и јадеме храна полна со пестициди, додека секојдневно сме опкружени со лаги и лицемерие, можеме ли навистина да кажеме дека сме среќни? „Вонземјани“ е обид преку драмската форма да се погледнеме себеси од страна, како туѓинци што ја набљудуваат човечката цивилизација. Пораката на делото не е да даде конечни одговори, туку да поттикне размислување за вредностите што ги губиме и за светот што го создаваме. Ако човечноста исчезне, тогаш вистинските вонземјани нема да дојдат од вселената – тие ќе бидеме самите ние.

Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам

Билетите се во продажба на веб страната на МНТ.

Текстот Уметничкиот проект „Скопје 63/63“ и театарска премиера на Скопско лето е превземен од МАКФАКС.