Романското Министерство за надворешни работи денес објави дека рускиот амбасадор во таа земја, Владимир Липаев, е прогласен за персона нон грата, откако романската армија собори три беспилотни летала над територијата на Романија, за кои беше утврдено дека се руски.

Во соопштението се наведува дека рускиот амбасадор има пет дена да ја напушти Романија, како и дека романскиот амбасадор во Русија ќе биде поканет во Букурешт на консултации, објавува порталот „Digi24“.

Рускиот амбасадор бил поканет на разговор од романската министерка Оана Коџу, а на состанокот му била врачена вербална нота со која романската страна го информирала за спроведувањето на декларацијата за неприфатлив статус на член на мисијата на Руската Федерација во Букурешт.

На рускиот дипломат му биле врачени фрагменти од беспилотно летало кое било уништено на романска територија, за кое истрагата спроведена од обвинителството официјално потврди дека е од руско потекло.

Како што беше објавено, за време на состанокот било нагласено дека е неприфатливо Руската Федерација да продолжи да го нарушува романскиот воздушен простор, кој е и воздушен простор на НАТО и Европската Унија.

Романската страна истакна дека Руската Федерација сноси единствена одговорност за сите овие сериозни инциденти и за влошувањето на регионалната безбедносна средина и најави дека ќе продолжи тесно да го координира својот одговор со сојузниците и партнерите во рамките на НАТО и ЕУ, и дека останува цврсто посветена на преземање на сите потребни мерки за заштита на националната безбедност и нејзините граѓани.

Текстот Романија го прогласи рускиот амбасадор за персона нон грата е превземен од МАКФАКС.