Полицијата уапси 32-годишен кавадарчанец осомничен дека измамил 50-годишна жена од Куманово за 9.000 евра, ветувајќи ѝ посредување за добивање странски пасош.

Како што соопшти МВР, М.Д. (32) бил приведен на 23 јули во 13:50 часот на Градскиот плоштад во Кавадарци, по претходна пријава од оштетената.

Според пријавата, осомничениот првично ѝ ветил дека за 400 евра ќе посредува за добивање странски пасош, но потоа во повеќе наврати барал дополнителни парични средства. За краток временски период, жената му предала вкупно 9.000 евра, а тој продолжил да бара уште пари.

При полициската акција, кај него биле пронајдени 2.000 евра кои непосредно претходно ги зел од оштетената. Парите биле претходно криминалистичко-технички обработени од полициски службеници на ОВР Кавадарци.

Осомничениот бил задржан во полициска станица, а потоа изведен пред јавен обвинител, каде што го признал делото.

По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава за измама.

Текстот Кавадарчанец уапсен за измама тешка 9.000 евра е превземен од МАКФАКС.