Силно невреме погоди делови од Германија, носејќи обилни врнежи од дожд, бурни ветрови, грмотевици и град со големина на тениски топчиња, а метеоролозите предупредуваат дека во наредните часови се очекуваат катастрофи, објави „Шпигел“.

Германската метеоролошка служба (DWD) издаде предупредување за лоши временски услови во централните и јужните делови на земјата, каде што се можни силни грмотевици придружени со интензивни врнежи од дожд, бурни ветрови и град.

Според прогнозите, за краток период би можеле да наврнат помеѓу 25 и 40 литри дожд на квадратен метар, додека локално постои можност за поекстремни врнежи од повеќе од 40 литри на квадратен метар.

Се очекуваат налети на ветер од 70 до 90 километри на час, како и град со дијаметар до три сантиметри.

Најинтензивната бура веќе го погоди северниот дел од земјата.

Во округот Лудвигслуст-Пархим во Мекленбург-Западна Померанија, падна град со големина на тениско топче, а големи количини мраз ја покрија земјата до степен што на некои места мораа да бидат отстранети со градежни машини, истакнува германскиот весник.

Локалниот центар за вонредни ситуации објави дека во текот на еден час биле примени околу 168 повици поради последиците од бурата.

Пожарникарите интервенирале поради поплавени подруми и отстранување на паднати дрвја.

Досега нема пријавени повредени, но обемот на материјалната штета сè уште не е познат.

Во градот Елмсхорн во покраината Шлезвиг-Холштајн, бурата предизвика проблеми и за полицијата.

Полициското возило остана заглавено на поплавениот пат за време на интервенцијата, откако водата спречи понатамошно движење.

Во инцидентот нема повредени.

Во истиот град, гром предизвика пожар на покривот на семејна куќа.

Кога пожарникарите пристигнале, пронашле пламен и густ чад, но обилниот дожд и опасноста од нови удари од гром им ја отежнале интервенцијата.

Иако првично се веруваше дека едно лице е заробено во куќата, подоцна беше потврдено дека никој не е пронајден, пренесува Танјуг.

Текстот Град со големина на тениски топчиња: по рекордниот топлотен бран, силно невреме погоди делови од Германија е превземен од МАКФАКС.