Унгарскиот парламент утре и задутре ќе расправа и ќе гласа за уставен амандман со кој предвреме би му завршил мандатот на претседателот Тамаш Шуљок, со што би се заокружила политичката транзиција по завршувањето на 16-годишното владеење на Виктор Орбан.

Според предложените измени, на Шуљок, кој ја извршува функцијата од март 2024 година, мандатот би му престанал ден по стапувањето на амандманот во сила. Потоа парламентот ќе има рок од 30 дена да избере нов претседател, чиј мандат нема да смее да биде подолг од пет години.

Со оглед на тоа што партијата Тиса на премиерот Петер Маѓар располага со двотретинско мнозинство во парламентот, се очекува амандманот да биде усвоен.

Маѓар: Не може да има обнова додека претседател е „човекот на Орбан“

Премиерот Петер Маѓар предложените измени ги претстави како дел од „Операцијата Чистење“, оценувајќи дека обновата на државата не може да започне додека на чело на државата е личност која, според него, учествувала во уривањето на републиката.

Тој го нарече Шуљок „марионета на Орбан“ и го обвини дека не успеал да обезбеди национално единство и да ја задржи довербата на граѓаните.

Претседателот одбива да се повлече

Шуљок одбива да поднесе оставка и предупреди дека уставниот амандман води кон концентрација на власта наместо кон поделба на власта и владеење на правото.

Тој оцени дека измените се насочени конкретно против него и дека не се во согласност со принципите на правната држава. Претседателот побара мислење и од Венецијанската комисија за усогласеноста на амандманот со европските уставни стандарди, но парламентот ја забрза постапката без да го почека нејзиниот став.

Протести и предупредувања за уставна криза

Партијата Фидес организираше протест пред претседателската палата во Будимпешта под слоганот „Да ја запреме тиранијата“, на кој присуствуваа неколку илјади луѓе.

Поранешниот претседател Јанош Адер изјави дека предложениот амандман претставува „уништување на унгарското владеење на правото“, додека шефот на пратеничката група на Фидес, Гергели Гуљаш, оцени дека измените означуваат крај на уставната демократија и почеток на самоволно владеење.

Најавени и пошироки уставни измени

Политички аналитичари оценуваат дека Унгарија до крајот на годината би можела да добие целосно нов устав. Најавени се и дополнителни измени со кои ќе се воведе старосна граница за судиите на Уставниот суд, ќе се ограничи мандатот на пратениците на 12 години, а претходно веќе беше усвоена измена со која премиерскиот мандат се ограничува на два мандати, односно осум години.

Организацијата „Хјуман рајтс воч“ предупреди дека уставните измени се носат пребрзо и без почитување на соодветните правни процедури, додека владата на Маѓар тврди дека тие се неопходни за враќање на довербата во независните институции.

Текстот Унгарскиот парламент ќе гласа за уставен амандман за предвремен крај на мандатот на претседателот е превземен од МАКФАКС.