Најмалку 15 лица загинаа, а 21 е спасено откако туристички брод со индиски државјани се превртел во близина на остров во јужниот дел на Виетнам, јавува Би-Би-Си.
Според локалните власти, на бродот се наоѓале 32 индиски туристи и четворица членови на екипажот. Несреќата се случила на околу 400 метри од островот Хон Мај Рут Нгоаи, во Тајландскиот Залив, каде пловилото се превртело поради разбранувано море.
Неколку туристички бродови што се наоѓале во близина веднаш започнале спасувачка акција и успеале да извлечат повеќе патници кои биле заробени во превртениот брод, пренесуваат локалните медиуми.
Локалните власти соопштија дека спасувачките операции продолжуваат, додека се утврдува точниот број на загинати и преживеани. Според првичните информации, силниот ветер и високите бранови најверојатно ја предизвикале несреќата.
„Главен приоритет е спасувањето, сите жртви да бидат извлечени на брегот и да им се обезбеди итна медицинска помош на преживеаните“, изјавил локалниот функционер Нгујен Тиен Хаи.
Индиската амбасада во Виетнам ја опиша несреќата како трагична и објави список со 32 индиски државјани кои се наоѓале на бродот.
Текстот Најмалку 15 загинати при превртување на туристички брод во Виетнам е превземен од МАКФАКС.













