Дваесет и шестгодишен маж кој беше уапсен под сомнение за убиството на поранешната британска пратеничка Ен Видикомб е пуштен од притвор и повеќе не е дел од истрагата, соопшти полицијата на Девон и Корнвол.

Телото на Видикомб беше пронајдено во четвртокот околу 11:40 часот во нејзиниот дом во Хејтор, во областа Девон. Полицијата соопшти дека жената имала „тешки повреди“.

Истрагата продолжува

Полицијата во петокот започна потрага по маж осомничен за нејзината смрт, а подоцна потврди дека 26-годишен британски државјанин бил уапсен на адреса во Њутн Абот, на помалку од 16 километри од домот на Видикомб.

Сепак, утрово полицијата соопшти дека мажот е ослободен и повеќе не се смета за дел од истрагата.

Помошникот началник на полицијата Мет Лонгман изјави дека истрагата напредува и дека детективите продолжуваат со бројни активности за да се утврдат сите околности околу случајот.

„Наш приоритет останува да утврдиме кој е одговорен и темелно да ги провериме сите достапни докази“, изјави Лонгман.

Тој ја повика јавноста да не шпекулира за причините и околностите на смртта, особено на социјалните мрежи, нагласувајќи дека тоа може да ѝ наштети на истрагата и дополнително да го вознемири семејството на Видикомб.

Не се истражува политички или терористички мотив

Полицијата соопшти дека во оваа фаза не верува оти убиството било политички мотивирано. По првичните консултации со антитерористичките служби, бил исклучен и можен терористички мотив.

Веста за сомнението за убиство предизвика реакции од политичкиот врв во Велика Британија.

Премиерот Кир Стармер изјави дека мислите на сите се со семејството и пријателите на Видикомб, опишувајќи ја како истакната политичарка со долгогодишна јавна кариера.

Лидерката на Конзервативната партија, Кеми Баденок, изрази шок поради случајот, оценувајќи дека станува збор за „ужасен напад“.

Политичка кариера и последни јавни настапи

Ен Видикомб беше долгогодишна членка на Конзервативната партија и поранешна министерка. По повлекувањето од британскиот парламент во 2010 година, учествуваше во телевизиското шоу „Стриктли кам денсинг“.

Во 2019 година ѝ се приклучи на Брегзит партијата на Најџел Фараж и беше европратеничка за југозападна Англија до 2020 година. Подоцна беше портпарол за имиграција и правда на партијата „Реформистичка Велика Британија“.

Нејзиното последно јавно појавување било на телевизијата „ТокТВ“ во средата, ден пред да биде пронајдена мртва. Таа требало да гостува и во емисија на Канал 5, но не се појавила, по што започнале обидите за контакт со неа.

Текстот Пуштен на слобода 26-годишникот осомничен за убиството на поранешната пратеничка Ен Видикомб е превземен од МАКФАКС.