Од утре наутро, до 16 март, во Грција се воведуваат построги измени на актуелните мерки, со цел да се ограничи раздвиженоста на граѓаните и да се спречи дополнителното ширење на коронавирусот, а ќе бидат зголемени и контролите, соопшти попладнево заменик-министерот за цивилна заштита Никос Хардаљас, јави дописничката на МИА од Атина.
Грција е поделена во две зони темноцрвена („многу зголемена опасност“) и црвена („зголемена опасност“) согласно епидемиолошката слика во секој од регионите.
Атика, Солун и уште 17 други региони се во темно црвената зона, односно ниво на „многу зголемена опасност“, каде што полицискиот час е од 19 часот до 5 часот наутро, со исклучок на Солун и Атина, каде што од понеделник до петок ќе биде од 21, а само за викендите од 19 часот, а затворени се сите училишта.
Во црвената зона се останатите делови на Грција со полицискиот час од 21 часот, додека пак настава со физичко присуство следат учениците од основните и дел од средните училишта.
Во следните 12 дена, ќе важат нови правила во однос на смс пораките кои граѓаните, за време на карантинот ги користат за движење, избирајќи една од понудените шест опции.
Хардаљас соопшти дека измени има во опциите два и три, што се однесуваат на продавници за храна (супермаркет, минимаркет и сл) и банки, а дозволено ќе биде посета само во рамките на општината или до најмногу два километри оддалеченост од местото на живеење.
За опцијата шест, односно физичка активност, Хардаљас објасни дека се однесува на активности што се пеш или со велосипед, односно „никој нема да може да испрати смс порака со кодот шест и да го земе автомобилот или моторот за да спортува или да го прошета миленичето во друг регион“.
Областа Атика, поширокиот регион Атина, иако веќе 20 дена е во строг карантин, сепак има зголемен број нови случаи и зголемен притисок врз здравствениот систем.
-Во Атика, притисокот врз здравствениот систем, повеќе не е црвен, туку е темноцрвен и затоа од степен на зголемена подготвеност во управувањето со кризата, поминуваме на ниво на спроведување на план за вонредни потреби, рече министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас и го соопшти владиниот план за зајакнување на болниците во конкретниот регион.
Неколку болници ќе се пренаменат исклучиво во ковид клиники, една од воените болници во Атина и приватна клиника ќе биде „non covid“ болници.
Во изминатите 24-часа во Грција се регистрирани 2.702, нови случаи на Ковид-19, за што Кикиљас рече дека е негативен рекорд за 2021 година, а 1.270 од новозаразените се во областа Атика.
Регистрирани се и 40 смртни случаи, а 431 лице е приклучено на апарати на Одделите за интензивна нега.
Од почетокот на пандемијата во Грција има 197.279 потврдени случаи на Ковид-19, а починаа 6.597 лица.
Во однос на процесот на имунизација, министерот за здравство на Грција рече утре ќе надминат еден милион вакцинации, но и соопшти дека се очекува наскоро Комисијата за имунизација да препорача вакцината на АстраЗенека да се користи и за лица постари од 65 години.
Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин и со воведен полициски час, со исклучок на мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, додека пак областа Атика, поширокиот регион на Атина во строг карантин е веќе 20 дена. (МИА)