Поранешниот градоначалник на Општина Лозово, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил упати отворено писмо до министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во кое ја критикува политиката на нови задолжувања и ја повикува на лична и институционална одговорност.

Во објавата, Велковски оценува дека честите задолжувања создаваат сериозни прашања кај граѓаните за тоа колкав товар ќе остане за идните генерации. Тој посочува дека секој потпис на нов кредит не претставува само административен чин, туку и одговорност која, како што наведува, порано или подоцна ќе биде предмет на јавна и институционална проверка.

Во продолжение, неговото отворено писмо го пренесуваме интегрално:

„ОТВОРЕНО ПИСМО ДО МИНИСТЕРКАТА ЗА ФИНАНСИИ, ГОРДАНА ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА

Почитувана министерке,
не знам дали кабинетот на Министерството за финансии сè уште е Министерство за финансии или филијала за потпишување желби на премиерот. Таков впечаток оставаат одлуките што ги гледаме.
Секојпат кога ќе слушнеме за ново задолжување од стотици милиони или милијарди евра, граѓаните веќе не прашуваат „зошто?“, туку „уште колку?“
Велите дека секој кредит е инвестиција во иднината. Точно. Само што во овој случај изгледа дека иднината ќе инвестира во отплата на денешните кредити.
Министерке, потписот не е само мастило на хартија. Потписот е одговорност. Денес можеби аплаузите доаѓаат од партиските штабови, но утре прашањата ќе доаѓаат од институциите и од граѓаните.
Историјата на Македонија веќе покажа дека политичката моќ не трае вечно. И поранешни министри, меѓу кои и Гордана Јанкуловска, веруваа дека функцијата е доволна заштита. Но, кога ќе се спушти политичката завеса, остануваат само потписите и одговорноста.
Затоа, пред да ставите уште еден потпис на ново задолжување, запрашајте се:
Дали ова е во интерес на Македонија или само во интерес на дневната политика и партиските и лични интереси?
И за крај…
Во секое македонско семејство, ако некој земе кредит, барем седнуваат сите на маса и разговараат. Кај нас, изгледа прво се зема кредит, а потоа народот дознава дека бил „поканет“ да го отплаќа.
Трендот на задолжувања без покритие не носи посебни привилегии и повисока плата за вас.
Функциите поминуваат. Долговите остануваат. А одговорноста, порано или подоцна, тропа на сечија врата.“

Велковски во објавата порачува дека задолжувањата не смеат да се третираат како дневнополитичка алатка, туку како прашање од јавен интерес, со директни последици врз граѓаните и државниот буџет.

Засега нема објавена реакција од Министерството за финансии или од министерката Димитриеска-Кочоска во врска со наведените критики.