Во акциска контрола спроведена на 4 јули од 17:00 до 23:00 часот на подрачјето на Штип, полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот при Секторот за сообраќајни работи изрекоа вкупно 55 санкции за прекршоци и кривични дела.

Контролата била насочена кон возачи на мопеди, мотоцикли, четирицикли и електрични тротинети кои не ги почитувале сообраќајните правила.

Од вкупниот број санкции, најголем дел – 35, се однесуваат на управување мотоцикл без заштитен шлем. Изречени се и една мерка за управување возило под дејство на алкохол, една за истечена важност на сообраќајната дозвола, како и три мерки за неистакната регистарска табличка.

Во акцијата биле откриени и шест кривични дела за „безобѕирно управување со моторно возило“ по член 297-а од Кривичниот законик, при што шест лица, меѓу кои и еден малолетник, биле лишени од слобода.

Полицијата одзела и еден мотоцикл поради тоа што сообраќајната дозвола му била истечена повеќе од шест месеци.

Од МВР информираат дека против сите сторители ќе бидат поднесени соодветни поднесоци и најавуваат дека ваквите сообраќајни контроли ќе продолжат и во наредниот период. Истовремено апелираат до сите учесници во сообраќајот доследно да ги почитуваат правилата и прописите за да се зголеми безбедноста на патиштата.

Текстот 35 мотоциклисти возеле без кацига е превземен од МАКФАКС.