„Отворениот дијалог за клучните теми е единствениот начин за градење доверба“, порача министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, по завршувањето на денешната јавна расправа за обнова на А-интегрираната дозвола за цементарницата Титан-УСЈЕ.
Министерот упати благодарност до граѓаните, еколошките активисти, експертите, медиумите, претставниците на институциите и на компанијата за нивното активно учество во процесот.
„За да нема понатамошни дилеми, сакам јасно да порачам: Како Министерство за животна средина и просторно планирање, цврсто се заложивме обновената дозвола за УСЈЕ да биде изготвена според условите на новиот Закон за индустриски емисии, кој стапува на сила во септември 2027 година“, потенцираше Хоџа.
Со стапувањето на сила на овој закон, ќе важат построги правила подеднакво за сите индустриски субјекти.
Според Хоџа, крајната цел на МЖСПП не се привремени компромиси, туку трајни решенија за заштита на амбиенталниот воздух и животната средина.
„Продолжуваме понатаму, кон повисоки, европски стандарди за заштита на животната средина. А тоа најдобро се постигнува со транспарентност и низ процес на дијалог, соработка и со поголема одговорност на сите чинители, во интерес на граѓаните“, истакна Хоџа.
Текстот Хоџа: Отворениот дијалог за дозволата на УСЈЕ носи конкретни промени и ја враќа довербата на граѓаните е превземен од МАКФАКС.
















