Контролите на Државниот пазарен инспекторат покажале дека некои маркети ја зголемиле маржата од 10 на 12 – 15 % овој јуни во споредба со јуни минатата година. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе ги повика на состанок за да ги преупреди дека тоа нема да се толерира.

„Во одредени маркети нотирано е зголемување на бруто маржата споредена со минатата година од 2 до 5%. Тие ќе бидат повикани на состанок и јасно ќе им се каже дека тоа е недозволиво. Да бидам конкретен со пример: ако минатата година во месец јуни бруто маржата била 10%, сега е 12 или 15%. Тоа се тие дополнителни 2 до 5%. Тоа ние нема да го толерираме и многу јасна порака ќе испратиме кон тие. Кога би се намалиле тие 2 до 5%, тогаш практично ние би биле земја со најниска инфлација во Европа во овој момент, иако очекувам стабилизирање на инфлацијата  во јуни месец, многу помала вредност во споредба со мај и со април. Но, ајде да почекаме, за една недела треба да се објават тие параметри, врз основа на бројките коишто ги добивам од Државниот пазарен инспекторат“, рече денес премиерот Мицкоски по промоцијата на нова воена опрема во касарната „Илинден“.

Во исто време тој потсети дека се работи на дефинирање на група од 600-700 основни прехранбени производи каде што во тек е обемна анализа. За резултатите премиерот Мицкоски рече дека ќе им треба повеќе време оти се приверуваат влезни, излезни фактури, маржа којашто ја имаат дистрибутерите и производителите споредена со маржата којашто ја имаат ланците маркети. Оваа анализа премиерот Мицкоски рече дека ја води лично тој а целта да се утврди каде може да се интервенира за да се намалат цените на производите.

Текстот Некои маркети ја зголемиле маржата за 2-5%, Мицкоски ќе ги повика на состанок: Тоа е недозволиво е превземен од МАКФАКС.