Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, од кружниот тек кај „Ист гејт“, кој беше една од најкритичните точки по денешното невреме, изјави дека состојбата веќе е стабилизирана.
Тој информира дека во справувањето со последиците биле ангажирани повеќе од 1.000 работници на терен.
„Како што можете да забележите, состојбата овде е веќе стабилизирана. Нема жртви, ниту голема материјална штета. Булеварите се проодни и немаме проблем како што имавме пред половина час. Продолжуваме да бидеме будни на терен“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој преку објава на социјалните мрежи истакна и дека со брза, навремена и координирана реакција на надлежните служби биле спречени поголеми последици.
Информира дека екипите на Град Скопје и јавните претпријатија остануваат мобилизирани и ќе бидат на терен во текот на целата ноќ, сè додека има потреба од интервенции и поддршка за граѓаните.
Ѓорѓиевски посочи дека постои постојана координација со градоначалниците на скопските општини и со сите надлежни институции.
„Нема простор за паника, но има обврска за брза реакција и целосна посветеност. Скопје и скопјани не се оставени сами. Скопје има луѓе кои се на терен кога е најпотребно“, порача градоначалникот.


















