Вечерва, 1 јули, со почеток во 20:30 часот во Едукативниот културен центар – Лабараториум, ќе се одигра театарска претстава „Кокошка“ на Независниот театар Вортекс во копродукција со НУ Театар Комедија.
Претставата „Кокошка“ е создадена според Николај Кољада, во режија на Теодора Силјаноска. Костимограф е Maрија Пупучевска, соработник за сценски движења Дарко Велиќ, изборот на сценографија и музика е на Teoдора Силјаноска, додека дизајнер на плакатот е Михаил Велески. Фотографиите се на Луција Спасовска.
Играат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Toме Станковски и Кристина Гиева.
„Кокошка“ се занимава со копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сѐ постуден и апатичен. Низ апсурд, импровизација и баналност, ликовите создаваат жив театарски чин како начин да се справат со сопствениот внатрешен хаос и извитоперените вредности што ги опкружуваат. Налик на џезери, импровизатори, аматери и големи професионалци тие играат против непредвидливото и тешко изговорливото. Во срцето на претставата е младоста, која како бесна глиста вража и ги буди заспаните копнежи за нешто поубаво. „Кокошката“ е немирна, искрена и гладна за промена, судрена со стравот, рамнодушноста и затворениот систем.
Утре, со почеток во 19:00 часот во Националната галерија на Македонија – Мала станица ќе се отвори фотографска изложба на Зоран Андонов и Драги Неделчевски насловена „Два погледа на документарната фотографија“. Куратор на изложбата е Александар Кондев.
Изложбата на Зоран Андонов и Драги Неделчевски претставува две различни, но длабоко поврзани визии на документарната фотографија. Низ фотографии создадени во текот на повеќе децении, Андонов го бележи ритамот на јавниот живот и колективните ритуали, додека Неделчевски го насочува погледот кон тивките, секојдневни сцени исполнети со лична и поетска атмосфера. Две различни авторски перспективи што заедно создаваат интимен и искрен визуелен дијалог за времето, животот и погледот кон светот.
Истата вечер (02.07.2026г. – четвтрок) со почеток во 20:30 часот во Музејот на македонската борба за самостојност ќе се одржи концерт насловен „Кларинет во придружен гудачки квартет“. Изведувачи се: Бранко Павловски – кларинет, Камелија Дуковска Зефиќ – прва виолина, Бранислав Автовски – втора виолина, Марија Димитријевиќ – виола и Енис Аљи – виолончело.

Во овој концертен проект кларинетот и гудачкиот квартет создаваат суптилен музички дијалог во кој се преплетуваат лириката, виртуозноста и емотивната длабочина. Програмата ги обединува елегантната минијатура Pagina d’Album од Микеле Мангани, монументалниот Кларинетски квинтет во h-moll, оп.115 и современиот македонски музички израз преку делото Кога бев дете од Марјан Јанкоски. Концертот претставува патување низ различни музички светови, каде традицијата и современоста се среќаваат во еден заеднички звучен простор.
Билетите за претставата и концертот се во продажба на karti.com.mk.
Текстот Претстава, изложба и концерт на Скопско лето е превземен од МАКФАКС.















