Поранешниот градоначалник на Општина Лозово од редовите на СДСМ, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил предложи законско решение кое, според него, би придонело за спречување на судирот на интереси и за поголема доверба на граѓаните во носителите на јавни функции.
Во објавата, Велковски наведува:
Еден од Предлог-законите за спас на Македонија:
,,Секој што сака да стане премиер, министер, пратеник, директор, градоначалник или било каков функционер – прво да потпише една едноставна изјава:
„Јас и моето најблиско семејство во последните 10 години сме немале фирми што директно заработувале од државни ресурси, концесии, субвенции, јавни набавки, рудни богатства, хидроцентрали или фотопанели“
Толку едноставно.
Ако фамилијата има фирма за хидроцентрали, фотонапонски електрани, рудници, државни тендери, концесии или било што, што зависи од одлуките на Владата – изборот е лесен:
Или функцијата.
Или бизнисот.
Не може државниот печат во едната рака, а фактурите во другата.
И после да нè убедуваат дека сè било случајност:
„Баш кога станав функционер, фирмата на братучедот, снаата, тетката и комшијата почна да цвета.“
Е па, или се најголемите бизнис-гении на Балканот… или нешто сериозно не е во ред.
Дали кандидат за функционер треба да ги исполнува овие услови пред да бара доверба од граѓаните? Што мислите?“

















