Oдложено е предавањето „Театар на капиталот – модерната драма и економски живот“ со Алиса Жулина, кое беше предвидено да се одржи вечерва (30 јуни) на програмата на КРИК – Фестивал за критичка култура.
„Добивме известување од Алиса Жулина дека, поради здравствени причини, не е во можност да го одржи предавањето. Жалиме што нема да имаме можност да го реализираме овој настан и им се извинуваме на сите посетители, партнери и медиуми кои го очекуваа предавањето и го планираа своето присуство. На Алиса Жулина ѝ посакуваме брзо и успешно закрепнување и се надеваме дека ќе имаме можност да го реализираме предавањето во некој следен термин“, велат организаторите на настанот.
Вчера, по воведното обраќање на Искра Гешоска, програмска уредничка на фестивалот, пред преполната сала во МСУ, еден од највлијателните филозофи на денешницата, Мартин Хеглунд го одржа предавањето насловено „Овој живот – критика и еманципација“. Тој зборуваше за прашањата што стануваат сè поитни во време на кризи, растечка несигурност и општествата што сè повеќе го потчинуваат животот на логиката на капиталот. Неговото предавање понуди радикално преиспитување на љубовта, времето, конечноста, демократијата и еманципацијата. Потоа се одржа исклучително интересен разговор модериран од Јасмина Поповска, Анастас Вангели и Славчо Димитров.
Хеглунд рече дека му е исклучително драго што доаѓа во Скопје, особено поради тоа што неговата книга „Овој живот – секуларна вера и духовна слобода“, која досега е преведена на повеќе од 15 јазици, всушност својот прв превод го имала на македонски јазик.
Контрапункт ја издаде книгата, која сега веќе има култен статус, во превод на Жарко Трајаноски уште во 2020 година, во својата едиција за современа критичка теорија „Пунктум“ и тоа беше воопшто првиот превод на оригиналното издание од 2019 година.
Овогодинешното издание на КРИК – Фестивал за критичка култура својата програма ја продолжува во септември.
Текстот Се одложува предавањето на Алиса Жулина на КРИК фестивал е превземен од МАКФАКС.













