Од СДСМ обвинија дека партијата ЗНАМ се соочува со внатрешен распад и дека караванот што го организира низ државата под слоганот „Европска ЗНАМ, Европска иднина, Европска Македонија“ претставува, како што велат, обид да се прикрие реалната состојба во партијата. Според СДСМ, станува збор за „очајнички потег“ во момент кога, како што тврдат, премиерот Христијан Мицкоски веќе работи на формирање нов политички проект, наречен „ЗНАМ 2.0“, кој би имал цел да ги подели гласовите на опозицијата на следните избори. „ЗНАМ повеќе не постои ниту во анкетите, ниту во гласови.

Огромниот пад на рејтингот, празниот Буџет и фактот дека веќе нема пари ниту за редовна исплата на пензиите го принудуваат Мицкоски да бара нов начин за раздвојување на опозицискиот блок“, се наведува во соопштението.

Од опозициската партија оценуваат дека е несоодветно ЗНАМ да зборува за европска иднина, бидејќи, како што тврдат, е дел од владејачката коалиција со ВМРО-ДПМНЕ.

Во соопштението се наведува и дека додека трае караванот, власта, според СДСМ, продолжува со доделување тендери и избегнува да даде одговори за економската состојба во државата, состојбата со Буџетот, пензискиот фонд и евроинтегративниот процес. „ЗНАМ никогаш не беше вистинска политичка сила, туку инструмент во рацете на Мицкоски.

Сега кога тој инструмент се распаѓа, се обидуваат да му го продолжат животот преку караван и празни слогани. Но граѓаните веќе ја препознаа играта“, се наведува во соопштението. Од СДСМ додаваат дека, според нив, се подготвува нов политички проект на власта, но оценуваат дека граѓаните нема повторно да бидат изманипулирани.

Текстот СДСМ: Европската приказна на ЗНАМ е чиста смејурија е превземен од МАКФАКС.