Ова ли е нивото на политичкиот дијалог што ѝ треба на Македонија?
Поранешниот градоначалник на Општина Лозово од редовите на СДСМ, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил реагираше на актуелниот политички дискурс, поставувајќи прашање дали ваквиот начин на комуникација е она што ѝ е потребно на Македонија.
Во својата објава тој наведува дека веќе „30 години“ граѓаните ја слушаат истата приказна. Според него, секои избори се проследени со исти закани, исти обвинувања и исти ветувања дека „ќе има затвори“, но по завршувањето на изборниот процес реториката стивнува, а системот останува непроменет.
Велковски посочува дека поради тоа многумина граѓани со право се прашуваат дали станува збор за вистинска борба против криминалот или, пак, за политички театар за дневна употреба. Тој дополнително прашува дали зад јавните конфликти политичките елити сепак наоѓаат начин да ги заштитат сопствените интереси.
Во објавата се наведува и дека, наместо институциите да зборуваат преку докази и судски пресуди, политичарите се натпреваруваат кој ќе изговори потешка закана пред камерите, задоволувајќи ја публиката со спектакл, а позади камерите…..
На крајот, Велковски порачува:
„Доста беше политички театар. Народот не бара подобри актери – бара достоинствен живот.“
















