Соединетите Американски Држави ја продолжија националната вонредна состојба поврзана со Западен Балкан за уште една година, оценувајќи дека активностите што го загрозуваат мирот, стабилноста и демократското управување во регионот продолжуваат да претставуваат закана за националната безбедност и надворешната политика на САД, пишува „N1 Србија“.

Во претседателски документ објавен на 24 јуни, се наведува дека дејствијата на поединци и групи што го загрозуваат мирот, меѓународните напори за стабилизација на регионот, како и активностите што го попречуваат демократскиот развој и евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан, продолжуваат да претставуваат „вонредна и невообичаена закана“ за интересите на САД, според написите.

Вонредната состојба првпат ја прогласи американскиот претседател Џорџ В. Буш на 26 јуни 2001 година, со Извршна наредба 13219, која овозможи замрзнување на средствата на поединци и организации што ја загрозуваат стабилноста на регионот.

Мерката се однесуваше на актери поврзани со екстремистичко насилство во тогашна Македонија, попречување на спроведувањето на Дејтонскиот договор во Босна и Херцеговина и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ООН за Косово, пренесува медиумот.

Поткопување на мировните договори, корупција
Регулативата беше проширена во 2003 година за да вклучи активности што го попречуваат спроведувањето на Охридскиот договор во Северна Македонија, а беше дополнително проширена во 2021 година со извршна наредба на претседателот Џо Бајден. Во тоа време, меѓу наведените причини беше поткопувањето на повоените договори и институции создадени по распадот на поранешна Југославија и широко распространетата корупција што го попречува демократскиот развој и интеграцијата на регионот во евроатлантските структури.

На почетокот на 2025 година беше донесен нов извршен декрет, кој вклучуваше обиди за загрозување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите од Западен Балкан, поткопување на мировните договори, сериозна корупција и избегнување на американските санкции.

Кој е под вонредни мерки?
Извршните наредби на САД не ги именуваат конкретно поединците или организациите, туку обезбедуваат правна рамка за воведување санкции врз поединци, компании и други субјекти за кои Вашингтон смета дека дејствуваат против стабилноста и демократскиот развој на регионот.

Мерките се однесуваат на Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Косово, Северна Македонија и Србија, пишува медиумот.

Текстот „Невообичаена закана“: Трамп ја продолжи вонредната состојба на национално ниво за Западен Балкан е превземен од МАКФАКС.