Поранешниот градоначалник на Општина Лозово од редовите на СДСМ, Ацо Велковски, преку објава на својот Фејсбук-профил реагираше на, како што посочува, тешката социјална состојба во која живеат дел од граѓаните.
„Во исто време, над 20.000 сиромашни семејства се борат за храна, струја, вода и достоинствен живот. За едни славје, за други преживување“, напиша Велковски.
Тој во објавата се осврнува и на сцена која, според него, е забележана во близина на центарот на Велес, каде деца перат со нозе, користејќи вода донесена од реката Вардар.
„Секоја вечер и тие ‘слават роденден’ – дувајќи ја единствената свеќичка што им ја осветлува просторијата. Додека едни слават со торти и аплаузи, други се борат за парче леб“, стои во неговата објава.
Со оваа реакција, Велковски упати критика кон актуелната власт: „За едни роденден. За други – уште еден ден борба за опстанок“.
















