Италијанскиот орган за конкуренција објави дека отворил истрага против Apple во врска со нејзиното усогласување со обврските за интероперабилност согласно Законот за дигитални пазари на Европската унија, објави Ројтерс во понеделник.
Според правилата на DMA, Apple е должен да обезбеди другите даватели на услуги за облак за потрошувачи да можат ефикасно и бесплатно да соработуваат со хардверските и софтверските компоненти контролирани преку оперативните системи iOS и iPadOS.
Исто така, овие провајдери треба да имаат еднаков пристап до сопствената cloud услуга на компанијата, iCloud.
Во официјално соопштение, италијанскиот орган изјави дека постојат докази дека другите даватели на услуги во облак не се во иста позиција како iCloud, бидејќи се чини дека немаат пристап до истите компоненти што се користат или се достапни за услугата на Apple.
Ова е првата истрага што ја покренува италијанскиот регулатор согласно Законот за дигитални пазари, кој им дава право на националните органи за конкуренција да спроведуваат прелиминарни истраги за примената на правилата.
Италијанскиот орган објави дека резултатите од истрагата ќе бидат доставени до Европската комисија, која има овластување да донесува конечни одлуки во рамките на спроведувањето на DMA.
Случајот би можел да има значително влијание врз начинот на кој Apple нуди пристап до својот дигитален екосистем и врз конкуренцијата меѓу давателите на услуги во облак на европскиот пазар.

















