Џез-визионери, поп-икони, пионери на електронскиот звук и нови генерации визуелни автори – сето тоа носи 12. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кое ќе се одржи на 26 и 27 јуни во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар (МКЦ).
Во текот на две фестивалски вечери, публиката ќе има можност да проследи внимателно селектирана програма што ги спојува филмот и музиката во возбудливи приказни за уметници кои не само што создавале хитови, туку ги менувале правилата, естетиката и начинот на кој ги доживуваме звукот и времето во кое живееме.
Фестивалот, кој повеќе од една деценија ја негува културата на музичкиот документаризам, и оваа година останува место каде што се среќаваат љубителите на филмот, музиката и автентичните уметнички приказни.
Омаж на Мајлс Дејвис: 100 години од раѓањето на џез-генијот
Централно место во овогодинешната програма зазема одбележувањето на значајниот јубилеј – 100 години од раѓањето на Мајлс Дејвис, една од највлијателните личности во историјата на современата музика.
Фестивалот ќе биде отворен со документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, искрен и прониклив портрет на човекот кој постојано ги поместуваше границите на џезот и одбиваше да остане заробен во сопствениот успех.
Преку ретки архивски снимки, музика и сведоштва на неговите најблиски соработници, филмот го открива сложениот карактер, неверојатната креативна енергија и немерливото влијание на уметникот чие наследство продолжува да инспирира генерации музичари и слушатели ширум светот.
Од Дјуран Дјуран до Крафтверк: музика што ја обликуваше поп-културата
Покрај омажот на Мајлс Дејвис, фестивалската програма носи уште две исклучителни филмски приказни за музички легенди кои оставија длабока трага врз културата на своето време.
„Duran Duran: Behind the Music“ нуди интимен поглед кон подемот, славата и трансформациите на еден од највлијателните поп-бендови на осумдесеттите години. Филмот ја следи нивната еволуција, откривајќи ја приказната зад гламурот и светската популарност.
Од друга страна, „Kraftwerk: Pop Art“ претставува филмски портрет на германските визионери кои ја поставија основата на електронската музика. Нивната минималистичка естетика и иновативен пристап кон звукот засекогаш го променија музичкиот пејзаж, а нивното влијание и денес може да се препознае во речиси секој современ музички правец.
Свеченото отворање ќе биде збогатено со изложба на студенти од академијата „Бреинстер“, кои активно учествуваа во креативниот процес на подготовка на официјалниот визуелен идентитет на фестивалот.
Авторка на официјалниот фестивалски постер за 12. издание на „Скопје Синема Сити“ е Јана Андреевска.
Текстот „Скопје Синема Сити“ се враќа со омаж на Мајлс Дејвис и филмови за музичките револуционери е превземен од МАКФАКС.













