Музејот во Стразбур денеска пријави во полиција кражба на банана, која е клучен дел од повеќемилионското уметничко дело на познатиот италијански визуелен уметник Маурицио Кателан. Исчезнувањето на овошјето, кое со обична леплива лента е залепено на ѕид и ја сочинува провокативната инсталација наречена „Комедијант“, било забележано во саботата, пренесува „Франс 24“.
Падна кривична пријава, но бананата веднаш е заменета со нова
Управата на музејот „Помпиду-Мец“, кој е огранок на познатиот париски Центар „Помпиду“, потврди дека поднела кривична пријава против непознати сторители. Од музејот појаснија дека украдената банана веднаш била заменета со нова свежа банана.
Ова всушност не е првпат ова концептуално дело да претрпи штета. Неговиот клучен дел — овошјето кое брзо се расипува — и онака се менува на секои три дена за инсталацијата секогаш да изгледа свежо.
Минатиот јули, еден посетител на музејот едноставно ја изеде изложената банана. Чуварите тогаш реагираа брзо и ставија нова, а музејот реши да не поднесува тужба. Самиот уметник Кателан тогаш иронично изјави дека е разочаран што „гладниот посетител не ја изел и лепливата лента, туку само бананата“.
Овој пат, сепак, музејот реши да оди на суд бидејќи сторителот не е идентификуван, па затоа „нема можност за дијалог“. Тие додадоа дека ова се случува по вторпат и дека се работи за основно почитување на уметничкото дело.
Колку навистина вреди една обична леплива банана?
Едливото дело на Кателан, кое ја преиспитува самата смисла на уметноста и нејзината пазарна вредност, предизвикува контроверзии уште од своето прво појавување на изложбата „Арт Базел“ во Мајами во 2019 година, каде почетната цена му беше 120.000 долари.
Тогаш „Комедијантот“ за првпат го изеде уметникот на перформанси Дејвид Датуна, изјавувајќи дека бил едноставно „гладен“. И покрај скандалите, вредноста на делото само растеше. Кинескиот основач на криптовалути, Џастин Сан, во 2024 година плати неверојатни 5.2 милиони долари за една верзија на ова дело, за само неколку дена подоцна јавно да ја изеде бананата пред камерите во Хонг Конг.
Кателан е познат и по украдената златна ВЦ-школка
Освен по бананата, Маурицио Кателан во светот е познат и по изработката на целосно функционална ВЦ-школка направена од 18-каратно злато, наречена „Америка“. Оваа школка своевремено му беше понудена и на Доналд Трамп за време на неговиот прв претседателски мандат во Белата куќа.
Таа инсталација беше украдена за време на изложба во Велика Британија во 2020 година, и тоа од палатата од 18 век во која е роден Винстон Черчил. Британскиот суд во март прогласи двајца мажи за виновни за оваа кражба. Златната ВЦ-школка наводно била целосно растопена и парчињата злато никогаш не беа пронајдени.
Текстот Украдена најскапата банана во светот, француски музеј поднесе кривична пријава е превземен од МАКФАКС.






















