Агенцијата за филм вчера ги донесе одлуките за прифатени проекти по Конкурсот за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за 2026 година, за кои се обезбедени 93 милиони денари.
Оваа година за прв пат беше воведен модел на презентација на долгометражните филмски проекти, при што апликантите имаа можност директно да ги претстават своите проекти пред стручната комисија, со цел поголема транспарентност и унапредување на процесот на селекција.
Меѓу поддржаните проекти е „Кралот на ѓубрето“ на Георги М. Унковски, режисер на наградуваните остварувања „DJ Ahmet“, „Налепница“ и анимираната серија „Буквождер“. Станува збор за музички филм во продукција на „Синема Футура“, во реализација со копродукција со Бугарија, Чешка и Хрватска.

Георги М. Унковски
Поддршка доби и „Никој не го сака Садик“ на Ибрахим Деари, авторот на успешниот филм „Сите го викаат Реџо“, кој беше еден од најгледаните филмови од албански автор во изминатата година. Филмот е во продукција на „Лумиере Филм“.

Ибрахим Деари
Меѓу избраните долгометражни играни проекти е и „Татко“ во режија на Јани Бојаџи.

Јани Бојаџи
Во категоријата долгометражен документарен филм поддршка доби „Вител на изумирањето“ на Љубомир Стефанов, режисерот на светски наградуваниот документарец „Медена земја“.

Љубомир Стефанов
Поддржан е и документарниот филм „Слушни ме!“ на Рaдован Петровиќ кој е биографски музички документарец за Марко Маринковиќ – Слаткаристика, кој ја отвора темата за лицата со говорни и комуникациски потешкотии и нивното место во општеството.

Радован Петровиќ
Во рамки на конкурсот беа поддржани и повеќе меѓународни копродукции со партнери од Хрватска, Словенија, Албанија, Бугарија, Грција, Косово, Чешка, Романија и Велика Британија.
Меѓу документарните копродукции се издвојуваат „Голема во Гази Баба“, приказна за 14-годишната борачка Садије, која се спротивставува на традиционалните родови и етнички бариери во својата албанско-муслиманска заедница. Проектот беше развиван во рамки на Cannes Docs.
Поддршка доби и „Езерото“, документарен филм посветен на Преспанското Езеро, реализиран како копродукција со Албанија и Грција.
Меѓу поддржаните проекти е и „Виењето на волците“ на Тамара Котевска, режисерка на светски наградуваниот и двојно оскаровски номиниран документарец „Медена земја“, како и на „Приказната за Силјан“.

Тамара Котевска
Поддршка доби и „Плејтопија“, интернационален документарен проект во кој осум деца, во студио налик на реално шоу, создаваат сопствен свет од почеток. Проектот е копродукција меѓу „Минимал Колектив“ (Македонија), „Синепоинт“ (Чешка) и „SC de Film Production“ (Романија).
„Крај на гравитацијата“ е документарен копродукциски проект со Словенија, кој ја следи визијата на словенечкиот театарски режисер Драган Живадинов и уметницата Дуња Зупанчиќ, кои од 1995 година, се подготвуваат да го изнесат театарското творештво на Живадинов надвор од планетата и да го преселат во вселената.
Конкурсот е отворен во текот на целата година, а вториот рок за пријавување е до 03.08.2026 година. Агенција за филм ги охрабрува сите филмски автори и продуценти да ги пријават своите проекти и да придонесат кон развојот на македонската кинематографија.
Текстот Ќе се снима биографски филм за Слаткар, објавени филмовите што добија поддршка од Агенцијата за филм е превземен од МАКФАКС.






















