Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на Собранието, Африм Гаши, упатија честитки до граѓаните од исламска вероисповед по повод големиот муслимански празник Курбан бајрам.

Сиљановска-Давкова упати честитка до поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаи, членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и до сите верници, посакувајќи им празникот да го поминат во мир, радост и семејна благосостојба.

„Во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ“, се вели во честитката од претседателката.

Таа потенцираше дека Курбан бајрам, преку симболиката на дарување и пожртвуваност, упатува на вредности важни за моралната зрелост на заедницата – човечноста, емпатијата, солидарноста и одговорноста кон другиот, нагласувајќи дека само преку разбирање, заемно уважување и култура на почит, различностите можат да бидат предност и да прераснат во единство.

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својата честитка до верниците и нивните семејства упати желби за добро здравје, мир, спокој и благосостојба во секој дом.

„Курбан Бајрам нѐ потсетува на вредностите на солидарноста, човечноста, меѓусебната почит и грижата за ближните. Во духот на празникот, да продолжиме заеднички да градиме општество на разбирање, единство и почитување, каде различностите се наша сила, а заедништвото наша иднина“, порача Мицкоски.

Честитки по повод празникот упати и претседателот на Собранието, Африм Гаши. Тој до граѓаните од исламска вероисповед и нивните семејства пренесе желби за здравје, мир, спокој и благосостојба.

„Овој свет празник нè потсетува на важноста од грижата едни кон други, споделувањето на добрината со семејството, соседите и со сите оние на кои им е потребна поддршка и човечка топлина. Курбан Бајрам е исто така повик за поголемо единство, мир и хармонија во нашето општество, зацврстувајќи ја вербата дека само заедно можеме да изградиме подобра иднина за сите граѓани“, порача Гаши.

Текстот Државниот врв упати честитки по повод муслиманскиот празник Курбан бајрам е превземен од МАКФАКС.