Претставувањето на новиот, целосно електричен модел на Ферари (Ferrari) наречен „Луче“ (Luce) предизвика бран негативни реакции во Италија. Во критиките се обединија инаку политички спротивставените јавни личности, како што се министерот за транспорт Матео Салвини, опозицискиот пратеник Карло Календа, но и поранешниот директор на компанијата, Лука Кордеро ди Монтеѕемоло. Контроверзниот модел е првото Ферари со пет седишта и исклучиво електричен погон, што веднаш ги разбесни автомобилските пуристи, пишува Политико.

„Електричен, скап со цена од 550.000 евра и, што се однесува до естетиката, сликата зборува сама за себе… Изгледа како сè друго, само не како Ферари. И тоа треба да биде ‘иновација’? Се прашувам што би рекол Енцо Ферари на ова?“, напиша министерот за транспорт Матео Салвини на социјалните мрежи.

Овие коментари, според аналитичарите, дополнително ќе ги засилат тензиите меѓу италијанската влада и семејството Ањели-Елкан, кое е најголем поединечен акционер во Ферари и во глобалниот автомобилски гигант Стелантис (Stellantis).

Новиот модел не ги убеди ниту инвеститорите, па вредноста на акциите на Ферари падна за повеќе од осум проценти. Автомобилот со четири врати, кој се промовира како „најудобното Ферари досега“, е кодизајниран од Џони Ајв, поранешниот главен дизајнер на Епл (Apple).

Лука ди Монтеѕемоло, кој раководеше со Ферари повеќе од две децении и соработуваше со самиот основач Енцо Ферари, упати исклучително остри критики.

„Ризикуваме да ја уништиме легендата“, изјави Монтеѕемоло, тврдејќи дека овој автомобил воопшто не заслужува да го носи логото со коњ. „Барем ова е автомобил што Кинезите сигурно нема да го копираат“, се пошегува тој.

Од друга страна, опозицискиот пратеник од центарот, Карло Календа, ја искористи можноста за нов политички напад врз семејството Елкан-Ањели, обвинувајќи го за поткопување на италијанските индустриски бисери. Инаку, меѓу првите кои го видоа автомобилот беше италијанскиот претседател Серџо Матарела, кому возилото лично му го претстави претседателот на Ферари, Џон Елкан.

Текстот Италијанскиот министер со жестоки критики за новиот електричен „ферари“ е превземен од МАКФАКС.