Пратеникот на СДСМ, Миле Талески, на денешната собраниска седница, нагласи дека Владата премиерот Мицкоски и министерката за финансии Кочоска ја туркаат државата во опасна должничка спирала, со постојани нови кредити со високи камати кои ќе ги плаќаат граѓаните и без реален економски ефект. Талески посочи дека наместо економски развој, Владата создава политика на постојани задолжувања и финансиска зависност.
„Денес не зборуваме само за бројки, камати и кредити. Денес зборуваме за иднината на државата, за товарот што оваа власт им го остава на граѓаните и на идните генерации. Зборуваме за економска политика која наместо развој, носи долгови и само долгови, задолжувања, несигурност и комплетна финансиска зависност. Владата на Мицкоски и министерката Кочоска ја туркаат државата во опасна должничка спирала“, рече Талески.
Тој додаде дека власта секој месец бара нови кредити за да ги покрива буџетските дупки што самата ги создаде.
„Наместо економија што создава нова вредност, гледаме власт која секој месец бара нов кредит за да ги покрие дупките што сама ги создаде во буџетот. Едноставно кажано, немаат пари за да ги сервисираат основните потреби на државата“, рече Талески.
Посочи дека за само две години Владата на ВМРО создаде нов долг од околу 2,5 милијарди евра, а јавниот долг достигна историски највисоко ниво. Талески предупреди дека со ваквите политики власта, дополнително се задолжуваат и општините и јавните претпријатија.
„Освен што ја задолжија државата, оваа власт ги задолжи и општините, ги задолжи јавните комунални претпријатија, ги турна локалните институции во финансиска зависност и остави долгови што повторно ќе ги враќаат граѓаните. Денес многу општини не функционираат. Јавните претпријатија тонат во долгови и се во комплетен колапс. Нема пари за основни услуги, за водовод, за хигиена, за инфраструктура“, рече Талески.
Тој нагласи дека и покрај огромните задолжувања, граѓаните не гледаат никакво подобрување на животниот стандард.
„И што добија граѓаните од тие пари со коишто се задолжија? Дали добиваат повисоки плати? Не. Дали добија минимална плата од 600 евра? Не. Дали земјоделците добија повеќе субвенции? Не. Дали младите добија перспектива? Не. Но затоа добиваат нови задолжувања, нови камати, нови провизии и нови сомнежи за нетранспарентно трошење на народните пари“, рече Талески.
Воедно, Талески потсети и на унгарскиот кредит од една милијарда евра, за кој рече дека иако власта го претставуваше како историски успех, граѓаните не видоа конкретни резултати.
„Каде завршија тие пари? Дали завршија во нови фабрики? Дали се отворија нови работни места? Дали донесоа капитални инвестиции што ќе создаваат економски раст? Не,граѓаните не видоа никаква суштинска промена“, истакна Талески.
Текстот (Видео) Талески: Државата е заложник на долговите на власта, ВМРО ја стави иднината на граѓаните под хипотека е превземен од МАКФАКС.






















