Триесет дневен притвор доби 76-годишниот возач на камион кој беше дел од сообраќајната несреќа на скопската обиколница, а во која четири лица го загубија животот.

Од скопскиот Кривичен суд велат дека мерката е определена доцна синоќа, поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело.

Вчера од Јавното обвинителство информираа дека возачот на камионот, кој е косовски државјанин, е осомничен за кривичното дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик (КЗ).

Според деталите што ги сподели Обвинителството, осомничениот 76-годишник не се придржувал кон прописите додека го управувал товарното возило марка „ман“, со прикачена полуприколка, додека се движел по северната обиколницата на главниот град на земјава, во насока од запад кон исток.

Со тоа, како што се наведува, го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот на луѓето.

Тој кога дошол во близина на клучката „Мирковци“, не ја приспособил брзината на движењето на камионот според својствата и состојбата на патот, густината на сообраќајот и другите услови, за да може навремено да го запре возилото пред секоја пречка што под дадени услови можел да ја предвиди.

Потоа изгубил контрола над возилото и излетал преку металната заштитна ограда и преминал во спротивната насока по што директно се судрил со автомобил „бе-ем-ве“. Од суирот автомобилот и кабината на камионот се запалиле и целосно изгореле. Во сообраќајката загинаа три момчиња на 20 години и баритонот и првенец на Националната опера и балет (НОБ), Ристе Велков.

Сообраќајната несреќа, која ја вознемири јавноста, се случи во четвртокот вечерта околу 23 часот на скопската обиколница во делот помеѓу надвозникот кај Визбегово и клучката Мирковци.

Текстот Определен 30-дневен притвор за возачот на камион што усмрти четворица е превземен од МАКФАКС.