Наставникот по ликовно образование Стефан Поповски од Битола тврди дека цела учебна година одел на работа, држел настава, пишувал оценки и водел е-дневник, без притоа да знае дека уште во јануари 2025 година формално му бил прекинат работниот однос.

Како што објави порталот „Апла“, Поповски бил ангажиран во три училишта за да оформи полн фонд часови, а во подрачното училиште во Горно Оризари при ООУ „Тодор Ангелевски“ Битола одржувал по четири наставни часа неделно.

Според неговото сведочење, цело време редовно доаѓал на работа, учествувал во училишни активности, водел електронски дневник, се потпишувал на Наставнички совет и со ученици учествувал на натпревари и ликовни конкурси, без никој да го информира дека не е повеќе на платен список.

„Веќе два месеци си ја барам правдата, си ги барам одработените пари и стажот, но добивам пораки дека ако ова стигне во јавноста никогаш повеќе нема да работам во образование. Вчера крајно бев избркан од работа“, изјавил Поповски за „Апла“.

Тој тврди дека дури неодамна дознал дека училиштето престанало да му исплаќа плата и стаж уште од 29 јануари 2025 година.

Во меѓувреме, како што наведува, продолжил нормално да држи часови.

„Имав пристап до е-дневникот, пишував оценки, одев на Наставнички совет, водев евиденција, сè како што прават редовно вработените наставници“, вели Поповски.

Според објавените информации, училиштето му доставило решение за престанок на работен однос на кое нема негов потпис, а, како што тврди тој, документот првпат го видел дури сега.

Поповски веќе покренува постапка против училиштето, а за случајот е информирано и Основното јавно обвинителство Битола.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, соопшти дека дал налог до општинскиот инспектор за образование да ги провери наводите.

„Доколку се утврди дека се точни и вистинити, ќе покренам постапка за разрешување на директорката на училиштето“, објави Коњановски.

Текстот Наставник од Битола цела година предавал на ученици без да знае дека добил отказ е превземен од МАКФАКС.