Руското Министерство за одбрана објави дека вооружените сили започнале нуклеарна воена вежба, која вклучува заедничка подготовка со Белорусија. Во исто време, белоруското Министерство за одбрана го потврди почетокот на обуката за распоредување на тактичко нуклеарно оружје, која се спроведува во соработка со Москва.
Руското министерство во соопштението наведе дека вежбата вклучувала постигнување на „највисоко ниво на борбена готовност“. Нуклеарна муниција била доставена до теренските депоа во областите каде што се распоредени ракетни сили.
На вежбата учествувале повеќе од 64.000 војници, 200 ракетни лансери, 140 авиони и 80 бродови и подморници. Министерството додаде дека вежбата имала и за цел „заедничка подготовка и употреба на нуклеарно оружје стационирано во Република Белорусија“.
Белорусија ја тестира подготвеноста
Белорусија, близок сојузник на Москва, објави дека вежбите биле дизајнирани да ја тестираат подготвеноста за распоредување оружје во различни делови од земјата. Порано оваа недела, Минск веќе сподели детали за своите вежби за нуклеарно оружје.
„Фокусот ќе биде ставен на вежбање прикривање, движење на значителни растојанија и пресметување на употребата на сили и ресурси“, објави белоруското министерство. Во соопштението за медиумите се додава дека вежбата не е насочена против ниту една земја и не претставува безбедносна закана во регионот.
Текстот (Видео) Кремљ започна голема нуклеарна вежба, вклучени и белоруските сили е превземен од МАКФАКС.























