Славната римска Фонтана ди Треви повторно стана место на инцидент кој ја збесна италијанската јавност. И покрај постојаните полициски патроли и неодамна воведениот систем за наплата на билети, 30-годишен турист од Нов Зеланд скокнал целосно облечен во фонтаната и пливал, игнорирајќи ги предупредувањата на полицијата. Казната што ја добил изнесува 500 евра, заедно со забрана за враќање на тоа место.

Снимката од инцидентот брзо се прошири на социјалните мрежи. Италијанците сметаат дека моменталните казни се преблаги и не ги одвраќаат туристите од недоличното однесување, па затоа бараат драстични мерки:

Зголемување на паричните казни на најмалку 5000 евра.

Воведување затворски казни и итно апсење со кауција.

Многумина истакнуваат дека туристите ја злоупотребуваат попустливоста на системот и прават работи што во своите земји никогаш не би ни помислиле да ги направат.

Овој инцидент се случи само неколку дена по масовната тепачка меѓу две ривалски улични банди во непосредна близина на фонтаната. Судирот избил поради територија за улични измами (игра со кибрити), што предизвикало паника кај стотици туристи кои бегале во блиските кафулиња. Три лица завршиле во болница, а сведоците ги опишале сцените како „општ хаос“, што отвори сериозни прашања за безбедноста на една од најфреквентните локации во градот.

Рим со години се обидува да го заштити барокниот споменик од 18 век:

Од февруари 2026 година е воведена наплата од 2 евра за пристап до фонтаната, што на градот му донесе 1.3 милиони евра во првите три месеци.

Мотивот за скокање во фонтаната најчесто е обид да се имитира славната сцена со Анита Екберг од култниот филм La Dolce Vita од 1960 година, но римските власти порачуваат дека кинематографската романтика во реалниот живот носи само високи казни и протерување од градот.

Текстот (Видео) Рим: Турист скокна во Фонтана ди Треви, Италијанците бесни е превземен од МАКФАКС.