На конференцијата за медиуми, тимот на АлоБушавко – телефонот за деца и млади при Првата детска амбасада во светот МЕЃАШИ извести за резултатите од работењето во 2025 година, наодите од годишниот извештај на СОС телефонот за деца и млади АлоБушавко 070 390 632, како и напредокот во рамките на релевантните (вон)проектни активности.

Во 2025 година, телефонската линија за деца и млади Ало Бушавко продолжи да биде клучен ресурс за поддршка, обезбедувајќи 24-часовна достапност секој ден во годината. Анализата на проблемите открива дека менталното здравје е најголемиот предизвик со 83 дојави (30%) од вкупниот број (284).

Овој податок укажува дека младите се соочуваат со бројни предизвици кои ги надминуваат нивните капацитети за справување со истите. Семејните односи следат со 64 дојави (23%) што укажува на кризата во семејните структури.

Повредите се трет најчест проблем со 57 дојави (21%). Во однос на проблемите со пристапноста евидентирани се 39 дојави, додека во категоријата училишна средина има 18 дојави.

Со најмал процент на дојави се категориите дискриминација и ексклузија (11 дојави), физичко здравје (2 дојави) и сексуалност (1 дојава).

Во текот на 2025 година Ало Бушавко имаше вкупно 284 дојави а телефонската линија се потврди како најефикасниот канал за пријавување со 227 дојави (79,9%) од вкупниот број на дојави што укажува на преференцијата на граѓаните за директна и брза комуникација, додека преку СМС пораките се примени вкупно 22 дојави, а преку електронската пошта 15 дојави.

Ова покажува дека традиционалните канали на комуникација сè уште се најефективни за овој тип на услуги. Од вкупно 278 деца и млади кои се обратиле до линијата, забележана е речиси рамномерна родова застапеност: 108 машки (39%) и 102 женски (36%), додека во 68 случаи (25%) полот е анонимен.

Во однос на возраста, најзасегнати биле децата на 10-12 години (38 деца), а веднаш по нив се оние на 13-15 години (33 деца) и на 7-9 години (27 деца).

Во тековната година забележан е зголемен број на јавувања за предивици кај лица од машкиот пол, на возраст од 7 – 15 години, најчесто од нивните родители во својство на загрижени дојавувачи, додека кај женскиот пол најголема засегнатост има на возраст од 13 до 25 години.

Според Жарко Змијанац – в.д оперативен директор на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, помина времето на префрлување на одговорноста за добросостојбата на децата и младите, време е одговорноста да се сподели помеѓу клучните чинители во општеството каде децата поминуваат најмногу од времето. Додека си ја префрламе одговорноста случаите на насилство, отфрленост, незадоволство, отуѓеност, несигурност се зголемуваат и изгледа како да нема решение.

Семејствата, образовните установи, друштвото на врсници се столбовите каде децата и младите треба да наидат на поддршка и разбирање и да бидат заштитени и прифатени. Добросостојбата на децата и млади не може да ја третираме изолирано само во моменти додека детето е во домот или само додека е на училиште или пак само додека е со друштвото. Потребно е секоја средина да биде поддржувачка и децата и младите да имаат можност да бидат активни чинители во таа средина со давање на простор кој го заслужуваат. Во случаи кога овие столбови на поддршка не го даваат потребното внимание и грижа, клучни се дополнителните начини, форми, механизми за поддршка како СОС линии, групи за поддршка, младински центри, креативни и спортски активности.

,,Менталното здравје и дигиталната безбедност на децата не се избор – тие се обврска на секое одговорно општество. Секој пропуштен сигнал од едно дете може да прерасне во тивка криза, затоа нашата задача не е само да реагираме, туку да слушаме навреме. А децата веќе ни зборуваат – прашањето е дали ќе ги слушнеме пред нивната тишина да стане опасна.“ истакна Јорданка Черепналкова-Трајкоска,

Психологот Мила Дамјановска, операторка на Ало Бушавко, се осврна на фактот дека е зголемен бројот на деца кои се јавуваат поради самоубиствени мисли или обиди за самоубиство, што е крајно загрижувачки и како што рече, треба ,,да се посветиме на тоа да не им е страв на децата да кажат кога не им е добро, родителите и училиштата да се тука за нив и да ги слушаат, тие треба први да препознаат знаци кога детето не е добро бидејќи најмногу време поминува со нив“.

Изабела Ивановска – волонтерка на Ало Бушавко, даде конкретен опис од повик добиен во 2025 година, од обид за самоубиство на малолетно лице. Таа ја истакна исто така важноста на препознавање на знаците за самоубиство, потребата за поддршка од возрасните и интервентните постапки на Меѓаши.

Во рамки на категоријата „Ментално здравје“, најчесто пријавувани подкатегории се „страв и вознемиреност“ и „самоубиствени мисли и обиди за самоубиство“, при што за секоја од нив се евидентирани по 19 случаи, односно деца кои биле директно засегнати од овие состојби. Во 2025 година е забележан значителен пораст на бројот на деца и млади кои пријавуваат самоубиствени мисли или имаат извршено обид за самоубиство, што укажува на потребата од итна и континуирана поддршка.

На трето место, според застапеност, се наоѓа подкатегоријата „проблеми со расположението“, со евидентирани 13 случаи. Ова дополнително го нагласува психолошкиот товар со кој се соочуваат децата и младите, како и потребата од системска поддршка и превентивни мерки насочени кон унапредување на нивното ментално здравје.

Во рамки на категоријата „Семејни односи“, убедливо најзастапена е подкатегоријата „односи со родители“, за која се евидентирани вкупно 48 случаи, односно деца кои се обратиле до линијата Ало Бушавко поради различни тешкотии и конфликти во односите со нивните родители. Овој податок укажува на потребата од поголема поддршка за семејствата, со цел да се зајакне меѓусебната комуникација, разбирање и градење на доверба помеѓу родителите и децата.

Во рамки на категоријата „Повреда“, најголем број пријави се евидентирани во подкатегоријата „физичко насилство“, каде се регистрирани 22 деца засегнати од различни форми на директно физичко повредување. Овие случаи укажуваат на сериозни нарушувања на безбедноста и интегритетот на децата и претставуваат висок ризик по нивното физичко и психолошко здравје.

На второ место, според застапеност, се наоѓа подкатегоријата „занемарување (негрижа)“, со 9 деца. Ваквите состојби често доведуваат до долгорочни последици врз развојот и чувството на сигурност кај децата. Подкатегоријата „булинг“ опфаќа 8 деца, при што се евидентирани случаи на континуирано изложување на навредливо, заканувачко или понижувачко однесување од страна на врсници. Иако бројчено помалку застапени, овие случаи претставуваат сериозен ризик за менталното здравје на децата и се поврзани со појава на анксиозност, страв, социјална изолација и намалена самодоверба.

Сите овие податоци, и понатаму како и последниве 3 години, ја потврдуваат потребата за зајакнување на системите за поддршка и превенција во областа на детското ментално здравје. Истовремено, забележуваме дека нашите промотивни активности имаа позитивен ефект, охрабрувајќи значителен број деца да се обратат директно и да разговараат за проблемите кои ги загрижуваат или за теми кои ги интересираат. Ало Бушавко линијата продолжува да функционира како доверлива линија каде децата се ислушани, поддржани и советувани, со целосно почитување на нивната анонимност, приватност и доверба.

Постапување по случаите Во текот на постапувањето и давањето поддршка, тимот на АлоБушавко – телефонот за деца и млади често соработуваше со Центрите за социјална работа, посебно со Интервентиот тим при скопскиот центар, како и Центрите од другите градови, Народниот правобранител, Секторот за внатрешни работи, училишта, Здружението на млади правници, Коалицијата за правично судење, како и други чинители и организации заради обезбедување подобра и поефикасна поддршка на јавувачите. Покрај тоа дадени се соодветни препораки за случаите, дадени се информации за контакт на соодветната институција, упатени се до други организации или институции како и до агенции/институции надлежни за спроведување на законот. Целосниот извештај може да го преземете од веб страницата на Првата детска амбасада Меѓаши, на овој линк

Текстот Годишен извештај на „АлоБушавко“: Менталното здравје е најголемиот предизвик за децата и младите е превземен од МАКФАКС.