Скопје од 21 до 24 мај ќе биде домаќин на фестивалот PASS- „Pass the Street (Art), Shake the Hand“, меѓународен проект што преку улична уметност, мурали, работилници и јавни дискусии ги поврзува различните заедници и промовира инклузија, толеранција и социјална кохезија.
Главната јавна програма ќе се реализира на 22 и 23 мај, кога во градот ќе пристигнат уметници од повеќе европски земји за заедничко создавање мурали, street art перформанси и активности отворени за јавноста.
„Фестивалот не е само уметнички настан, туку платформа за дијалог и учество на заедницата. Посебен акцент е ставен на вклучување на лица чии приказни и гласови ретко се застапени во јавниот простор мигранти, етнички и културни малцинства, како и лица со попреченост, кои се поканети активно да се вклучат во дискусиите и креативните работилници“, вели Ивана Пенева, проектен менаџер во Здружението за културна соработка „Интеркултура“.
На 22 мај програмата ќе се одржи во СУГС „Никола Карев“, каде од 13 часот ќе започне Live Art Zone- јавно создавање мурали со учество на посетителите. Паралелно ќе се реализираат работилници за цртање на платно, како и панел-дискусија со уметниците кои ќе учествуваат на фестивалот.
Вториот фестивалски ден, на 23 мај, активностите се селат пред Театар Комедија, на страната кај бистрото, каде од 16 часот ќе започне изработка на мурали во живо, проследена со DJ сет, работилници за sticker art, графити и stencil техники, како и street culture програма. Дел од програмата ќе биде и јавна дискусија на тема: „Кој создава во јавниот простор?“ со фокус на улогата на различните заедници во обликувањето на урбаната култура.
Настаните се бесплатни и отворени за сите посетители.
Фестивалот се организира во рамки на проектот „PASS The Street Art, Shake the Hand“, кој го спроведуваат партнери од Македонија, Србија и Словенија, со цел преку уличната уметност да се поттикнат културна размена, заедничко творење и поголема социјална поврзаност. Проектот е кофинансиран од Европската Унија.
Текстот Мурали, стикери и јавни дискусии: Богата програма на фестивалот за улична уметност „PASS“ во Скопје е превземен од МАКФАКС.























